Обама му се заканува на Карзаи
26 февруари 2014Американскиот претседател Барак Обама му нареди на Пентагон да се подготви за можноста САД да не остават војници во Авганистан по повлекувањето на сите воени контингенти на крајот на оваа година, сооопшти синоќа Белата куќа.
Обама оваа порака му ја пренел во телефонски разговор и на својот авганистански колега Хамид Карзаи, кој одбива да ја потпише Спогодбата за безбедност меѓу САД и Авганистан. САД инсистираат на овој договор, пред да прифатат да остават свој воен контингент во Авганистан, кој би бил задолжен за борбени операции против терористите и за обука.
Според Белата куќа, Обама побарал Пентагон да подготви адекватни планови за повлекување на крајот на годината, во случај Авганистан да остане без американско воени присуство по 2014. година.
Сепак, американскиот претседател остави отворена уште една можност, Договорот за безбедност да биде потпишан од наследникот на Карзаи, по изборите во април. Во таков случај американската војска би можела да остане во ограничена мисија на Хиндукуш.
Но, колку повеќе се одолговлекува потпишувањето на Договорот, толку потешко е планирањето и спроведувањето на оваа мисија, предупреди Обама.
Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Чак Хејгл замина за Брисел на средба на министрите за одбрана од НАТО, на која ќе биде разгледана состојбата во Авганистан.
На крајот на јануари во Авганистан останаа стационирани уште 34 илјади американски војници и околу 19 илјади војници од другите држави во НАТО.