НСА ги прислушкувала Мартин Лутер Кинг и Мухамед Али
26 септември 2013Тајната програма „Минаре“ на Американската Национална безбедносна агенција (НСА) беше откриена уште во 1970 година, но имињата на лицата кои биле следени или прислушкувани беа објавени дури сега. Освен споменатите, меѓу следените биле и новинари на „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“, како и двајца сенатори од Ајдахо и Тенеси кои застапувале ставови против војната во Виетнам.
Историските документи покажуваат дека дури и некои членови на НСА ја оцениле програмата како „дискредитирачка и нелегална“.
Документите беа објавени откако владино тело задолжено за надгледување на декласифицирањето на досиејата на тајните служби им дозволи на група истражувачи од универзитетот Џорџ Вашингтон да добијат увид во материјалите.
Интензитетот на анти-воените протести кон крајот на 60. години во САД го навело тогашниот претседател Линдон Џонсон да побара од разузнувачките служби да проверат дали некои од протестантите се поттикнати од странски тајни служби. НСА потоа работела и со други домашни служби со цел да изработи листа на потенцијални анти-воени критичари, кои потоа биле следени и прислушкувани.
Програмата продолжила и по доаѓањето на Ричард Никсон на власт во 1969 година, а била затворена во 1973, откако бил откриен целиот скандал.
НСА во меѓувреме повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако нејзиниот соработник Едвард Сноуден обелодени документи за масовно прислушкување од страна на американската агенција на телекомуникациите во речиси целиот свет.
Сепак, истражувачите кои имале пристап до документите на НСА, тврдат дека она што се случувало во 60. и 70. години во рамките на програмата „Минаре“, е ненадминато, затоа што оттогаш не се случило да се следат политичките противници на Белата Куќа.