Нов смртоносен напад на талибанците
30 август 2014Најмалку шест лица загинаа, а 46 се повредени во денешниот (30.08) напад на вооружени талибанци на канцеларијата на авганистанската разузнавачка агенција во Џалалабад, во источен Авганистан.
Прво пред објектот експлодирала автобомил-бомба, а потоа вооружени напаѓачи отвориле оган врз канцеларијата на тајната служба
„ Жестоките судири меѓу талибанците и авганистанските безбедносни сили траеја неколку часа по нападот врз седиштето на Националниот безбедносен директорат“, изјави Ахмед Зеја Абдулзаи, портпарол на гувернерот на источната провинција Нангахар, која се наоѓа близу пакистанската граница.
„Досега во болница се префрлени шест тела и 46-мина ранети. Повеќето жртви се цивили“, истакна директорот на провинцијата Нангахар за јавно здравје Наџиб Камавал.
Талибанците во писмено соопштение ја презедоа одговорноста за овој напад.
Авганистанската тајна служба секогаш одново е цел на талибанците, кои во последно време ги засилија нападите во обидот да го дестабилилизираат Авганистан. Земјата во моментов се наоѓа во политичка криза поради спорот околу исходот од претседателските избори.