1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови 101 заразени од Ковид-19, се очекува критичен викенд

БГ
3 јуни 2020

Попладнево се одржува вонреден состанок на министерот за здравство со Комисијата за заразни болести и локалните власти во најпогодените општини. Најголемиот број новозаразени повторно од Скопје.

https://p.dw.com/p/3dBcH
Georg-August-Universität Göttingen | Forschung DNA Herpesviren | Abdul Rahman
Фотографија: privat

Бројот на новозаразени од коронавирус во Северна Македонија повторно добива на интензитет откако во последното деноноќие биле регистрирани уште 101 случаи.

Според Министерството за здравство, од тестирани 974 лица, 101 биле позитивни на Ковид-19. Повеќе од половината- 59 се од Скопје, во Куманово се регистрирани 12 случаи, во Штип-7, во Струга- 6, во Тетово- 5, во Гостивар и Кочани по 3, во Пробиштип-2, и во Прилеп, Охрид, Велес и Кавадарци по 1 случај. Четири пациенти починале од коронавирусот.

Попладнево во тек е вонреден состанок на министерот за здравство Венко Филипче со членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални Центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи. Целта на состанокот е заедничка координација за делување во општините кои се детектирани како жаришта на коронавирусот.

Порталот sdk.mk пренесува изјава на неименуван член на Комисијата за заразни болести кој вели дека се размислува за враќање на рестриктивните мерки за време на претстојниот продолжен викенд поради празникот Задушница.

„Ако не се вратат рестриктивните мерки, се соочуваме со неконтролирано ширење на коронавирусот во одредени места, кои што сега се нови жаришта, особено во главниот град. Се размислува рестриктивните мерки да бидат предложени само за актуелните жаришта, а тие да не важат за другите места, каде што нема воопшто заразени или има само спорадично. Ќе им се препорача сигурно на граѓаните да не одат масовно на гробишта за претстојниот празник и во никој случај да не раздаваат“, вели изворот од комисијата за sdk.mk.

Денеска и од Македонската православна црква апелираа до верниците да ги почитуваат мерките за заштита кога ќе одат на гробишта. Препораката на МПЦ-ОА е на гробишта да одат само најблиските и да се носат заштитни средства.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема