1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новите имиња на улиците ја поделија Струга

Милчо Јованоски30 август 2012

Во Струга локалната власт размислува за менување на имињата на улиците. Уште на стартот јавноста во оваа мултиетничка средина е поделена. Ќе се расчисти со минатото или ќе се продлбочи поделеноста?!

https://p.dw.com/p/15zdh
Фотографија: Milco Jovanoski

Соживотот во мултиетничка Струга повторно е на тест. Градските советници комисиски веќе разговарале за промена на имињата на улиците. Градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко вели дека тоа го барале граѓаните, но и некои од политичките партии кои седат во советничките клупи. Бил распишан јавен повик , биле добиени низа предлози. Градоначалникот тврди дека постапката ќе биде демократска и несомнено секоја улица во Струга со свој мини референдум: „Мора да бидат застапени имиња на улиците од сите етникуми . Со тоа што предност ќе има мнозинството кое што живее на таа улица. Ако на една улица живее мнозинство од Македонци ќе оставиме тие да предложат име. Ако во друга улица мнозинството се Албанци тие ќе предложат име на улицата. Сакаме процесот да биде транспарентен и демократски. “ Во текот на септември би се избирале новите имиња на улиците, а комисијата составена од сите советнички групи доколку не се постигне согласност има и солуција. „Ако не најдеме заедничко решение, тогаш сите улици ќе се водат под броеви. Подоцна како што ќе се доаѓа до договор , така и ќе се менуваат имињата. И не само улиците, туку и плоштадите и мостовите треба да добијат нови имиња,“ вели Мерко.

Граѓаните во смената на улиците препознаваат политика

Штом се слушна за оваа идеја се разбранува и така чувствителната струшка јавност: „ Преименувањето на улиците носи ризик, особено сега кога се вадат личности од нафталин за кои пошироката јавност за нив не знае ништо.Тоа ми изгледа како обична вулгаризација. Под превезот на уништување на минатото комунистичко време се измислуваат ретроградни личности деградирани од историјата“ . Има и такви кои во смената на имињата на улиците не гледаат само политика, туку и отворање на нови процеси кои ќе удрат по џебот на граѓаните: „Да не се менуваат имињата . Ќе треба потоа се да се менува . Од личните карти до сите документи . “

ВМРО ДПМНЕ уверува : „Нема да дозволиме гетоизација на Струга “

Политичките партии најавата за промена на имињата ја дочекаа како полигон за препукување. ВМРО ДПМНЕ од Струга смета дека назадувањето на градот започнало уште во 2004 година со новата територијална поделба на Македонија. Претседателот Перо Петкоски вели дека дел од новите имиња кои би се предложиле би биле спорни за дел од граѓаните и би го негирале нивното културно историското минато: „ВМРО ДПМНЕ нема да дозволи гетоизација на градот и поделба според национална, верска и етничка припадност на улиците. “ Од оваа партија бараат одговор дали градоначчникот етничките критериуми ги користел при доделувањето на паркинзите, урбаната опремам, вработувањето. Потсетуваат дека законот налага одлуката да се донесе по принципот на Бадентер:„Без гласовите на македонскиот политички блок овој предлог не ќе може да помине. “

Struga Innenstadt, Mazedonien
Центарот на СтругаФотографија: Petar Stojanovski

Важно е да се сочува соживотот

Невладиниот сектор во Струга е затекнат. Д ел од нив избегнаа да коментираат. Мултиетничкиот соживот има длабоки корени и традиција во Струга. Пред да се пристапи кон промена на имињата на улиците треба да најде соодветно решение прифатливо за сите, смета експертот за мир Кирстен Шонефелд , од Цивилниот мировен сервис во Струга:

„Сличен процес се одвиваше во 1999 година кога се соединуваа Западна и Источна Германија. Таму во одредени градови уште се водат преговори околу промената на имињата на улиците. Во светот,а и овде на просторите на поранешна Југославија цели градови наместо имиња имаат броеви.Низ Европа може да се сретнат примери каде улиците носат име на цвеќе, планина или природна реткост.“Шонефелд вели дека не е ниво да судат дали сега е вистинско време за смена на имињата,но дека е многу важно во пресрет на локалните избори да се зачува мултиетничката стабилност во општината“.