1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобелова награда за хемија

Албрехт Брајтшу14 октомври 2008

Двајца американски и еден јапонски научник ја добија годинешнава награда за хемија во Стокхолм. Тие успеаја да ги направат видливи процесите во клетките на човекот, благодарение на флуоресцентниот протеин ГФП

https://p.dw.com/p/FYqy
Универзитетот Харвард прикажа како изгледаат флуоресцентните клеткиФотографија: AP

Тројцата нобеловци работат во САД. 80-годишниот добитник, Осаму Шимомура, е пионер во оваа област на истражувањето, додека другите двајца добитници, Мартин Челфи и Роџер Тсин, своите истражувања ги базираа на работата на Шимомура, со што уште повеќе ја развија. Во 60-те години јапонскиот научник успеа да го изолира протеинот ГФП од еден вид медуза, што под ултра-виолетово светло зрачи со светло зелена боја.

Клетките блеснуваат во зелено

Новинарите присутни во Кралската академија на науките во Стокхолм не беа воопшто подготвени за некакви изненадувања. Но, тогаш светлото во салата се изгасна и се појави Гинар фон Хајне, соработник во шведската Академија. Тој за присутните имаше подготвено мал експеримент.

Schweden USA Nobelpreis Chemie 2008 Martin Chalfie
Мартин Челфи, првиот научник што направи клетките да светатФотографија: AP

„Бактериите што се наоѓаат во овој сад обично имаат 4.000 гени. Но, сега тие имаат уште еден дополнителен ген. Тоа е ген од медузата аквареа викторија. Значи, освен нормалните 4.000 гени, бактериите имаат и ген што содржи зелено-флуоресцентен протеин. Овој експеримент го направи Мартин Челфи во 1993 година. Тој го вметна дополнителниот ген во бактериите, но не веруваше дека тоа воопшто ќе функционира. Следниот ден клетките навистина имаа светлозелена боја“ - објасни научникот Фон Хајне.

Зошто ова е важно за човештвото?

И покрај фасцинантниот експеримент, се` уште остана неодговорено прашањето, како протеините што светат со зелена боја ќе му помогнат на човештвото. Биофизичарот Андерс Лијас се обиде да објасни: „Ова откритие е од голема важност во истражувањата на внатрешната медицина, фармакологијата и во истражувањето на протеините и клетките. Сега клетките во телото можеме да ги направиме видливи, па дури и да ги следиме, односно да го следиме нивниот развој и да гледаме како се движат низ телото. Сите овие работи се сега можни, благодарение на протеинот ГФП.“

Во иднина ќе биде можно да се види како се распространуваат заболени клетки од рак во мозокот на човекот, исто како и изумирањето на нервните клетки кај Алцхајмеровата болест.

Неочекувана награда

Schweden Nobelpreis Chemie 2008
Осаму Шимомура, Мартин Челфи и Роџер Тсин, тројцата добитници на Нобеловата награда за хемијаФотографија: AP

Еден од тројцата добитници, 56 годишниот Роџер Тсин, не ја очекувал наградата. Имаше гласини од несериозни извори, рече тој, но затоа, пак, радоста е поголема. На тој начин се поттикнува работата на научниците, вели Тсин.

„Ќе работиме да изнајдеме нови патишта преку кои во иднина ќе можеме да гледаме во клетките и организмите, не само со протеинот ГФП, туку и со други техники. Да можеме да разликуваме и со други бои и можеби да откриеми уште многу нови работи.“, изјави Тсин.

Имено, со помош на повеќе бои, научниците би можеле да следат истовремено повеќе различни биолошки процеси.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи