Ни лек, ни превенција за кризата на менталното здравје
13 ноември 2014„Мајка на две деца си го одзеде животот со скок од шести кат“... „Се самоуби 18-годишно момче“... „Ја убил девојката и нејзината сестра, па се самоубил“... „Професор од Берово сам се закопал во гроб“... „Маж ги уби таткото, мајката и сестрата на сопругата, а чувал уште два куршуми - за себе и за неа“...
Последниов наслов во долгата серија од „црни хроники“, го вклучи алармот - можело ли да се спречи минатонеделното трикратното убиство во Кавадарци? Дебатата не е излишна. Предоцна е за овој случај, но не за други потенцијални обиди. Овие трагедии во јавноста го засилија впечаток дека расте бројот на убиства и самоубиства, но од МВР велат дека нивните статистики не покажуваат раст. Најголем број убиства имало во 2003 година – 78, а потоа следи постепен тренд на опаѓање, кој последниве години се движи меѓу 30 и 40 годишно. Многу поголема е бројката на самоубиства - од 136 случаи во 2001, 165 во 2008, 174 во 2012 до 154 случаи во 2013 година. Како главни причини за делото се посочуваат нервни растројства, болест, семејни кавги и раскинување на љубовни врски.
Крик за помош
Податоците покажуваат дека во Македонија има од 8 до 9 самоубиства на 100.000 жители. Според меѓународни критериуми, земјите со стапки под 10 се во нискоризични групи, што не значи дека не треба да се дејствува превентивно за стапката да се намали. Кои се тие личности кои се одлучуваат да кренат рака на себе, каква е нивната психичка структура, каква лична историја имаат зад себе и кои се нивните мотиви? Според Лидија Попчева, психолог - психотерапевт, најблиску до вистината е дека мотивите за самоубиство се свесни и несвесни.
„И ако во позадината не се наоѓа психичко пореметување, мотивите можат да се објаснат како лична одлука на личноста, која не сака да ја прифати неподносливата ситуација во која се наоѓа. Тоа е чин во кој тенденцијата за смрт се преплетува со апелот за помош, со апел на живот упатено до најблиското опкружување. Заеднички именител на поголемиот дел самоубиства би можело да биде чувството на осаменост и отсуство на блиски контакти. Рака крената врз себе е, пред се‘, рака крената врз некој друг. Заканите за самоубиство треба секогаш да ги сфатиме сериозно и ако превентивно се делува и се побара навреме стручна психолошка помош, многу од самоубиствата не би се случиле“, вели Попчева.
За жал, во Македонија се‘ уште во голема мера владее стеротипот дека разговорот со психолог или барањето психотерапевтска помош ќе наиде на потсмев од околината, со што се пропуштаат многу шанси за навремена превенција, односно за спречување на суицидни намери.
Нема утврден профил
Социолозите немаат дилема дека економската криза која доведува до зголемување на невработеноста, губењето на работните места, егзистенцијални кризи и распаѓање на семејствата, резултира со депресија која драматично влијае врз бројот на убиства и самоубиства. Според светски анализи, до 2025 година, депресијата ќе биде на второ место на листата на заболувања.
Во Македонија нема понови истражувања за овие состојби. Социологот Илија Ацески вели дека врз намерата на поединецот да убие, освен неговата природа, влијаат и многу други околности, за кои е важно навреме да се детектираат.
„Постојат околности кои се неповолни за поединецот во однос на неговите желби и потреби и во физичка и во психолошка смисла. Ние, социолошката страна на проблемот ја бараме во околностите кои тие лица не можат да ги издржат. За жал, од досегашните случаи на убиства немаме прецизни податоци, врз основа на кои ќе извлечеме 4 до 5 карактеристики, кои ќе ни овозможат да утврдиме кои околности и кој профил на поединец е склон да изврши таков чин. Последниот, екстремен случај во Кавадарци, укажа на еден поразителен факт - дека институциите не реагирале. Со тоа што немало елементарен надзор врз тоа лице, не му се дало на знаење дека не смее да се однесува насилнички“, вели Ацески.
Криминологијата наведува најразлични мотиви за убиство, а секој убиец поседува позадина во која се наоѓа неговата психолошка структура и воспитание, укажува Попчева.
„Заедничка карактеристика за сите убијци е дека се склони кон активно насилничко однесување. Во себе носат садистички црти на личноста, поседуваат искривени морални норми, немаат емпатија кон другите, водени се исклучиво според сопствените потреби, а своите жртви не ги доживуваат како човечки битија. Некои убиства можеле да се спречат ако се делувало превентивно, посебно во ситуации кога убиецот подолго време се заканува и го најавува својот злочин. Тука превентивната улога на надлежните институции е од клучно значење“, категорична е Попчева.
За сегашните состојби, илустративно зборува податокот од Фондот за здравствено осигурување, дека енормнo е зголемена употреба на лекови за намалување на напнатоста, вознемиреноста, нарушеното спиење, нервоза и депресија. Потрошувачката на антидепресиви лани се зголемила за 30 отсто во споредба со 2010 година.
Да се лекува и аномијата
Според социолозите и политиколозите, за да се намалат ваквите појави треба да се „лекува“ и аномијата во општеството. Неефикасноста на прописите или компромитирањето на вредностите во општеството доведува до конфузија во моралната свест на поединцот, кое може да заврши во криминално однесување, предупредува политиколот Горан Јовановски.
„Јасно е дека аномијата доаѓа во периоди на општествена и политичка криза, рецесија или транзиција. Мора да постои силна превенцијата ако е евидентно дека во одредени социјални стратуми луѓето се дезориентирани во трагањето по социјално пожелен образец на однесување. Политичарите мора да бидат свесни дека изборот на нивните политики има директно влијание и врз менталното здравјето на луѓето. Отсуството на шанса за работа, за формирање семејство, неуспешната адаптација кон промените во општеството и социјалната дезинтеграција носат големи разочарувања, анксиозност и очај, по што некои лица губат секаква ориентација за нормално поведение“, вели Јовановски.
Светските анализи покажуваат дека во малкуте индустриски развиени земји кои успеаја да ја избегнат рецесијата, не се зголемил бројот на убиства и самоубиствата, туку се намалил. Но, една од главните карактеристики на тие земји е што инвестирале во програми што им помагаат на луѓето побрзо да се вратат на работното место, преку дообуки, совети и финансиска помош. Според експертите, таа е првата од сетот мерки кои водат кон спречување на кризата на менталното здравје. Најавените Центри за депресија што треба да се отворат во Македонија, ќе можат да ги лекуваат последиците. Но, потешкиот проблем е да се елиминираат причините.