Нишанат кон Јанева, за да го погодат Договорот!
15 октомври 2015Опструкциите на работата на специјалното обвинителство директно го опструираат и Договорот од Пржино, децидни се аналитичари и правни експерти со кои разговараше ДВ, по вчерашната одлука на Советот на обвинители да го преполови предложениот тим на обвинителката Катица Јанева. Ваквата одлука предизвика потрес и на преговарачката маса. Опозициската СДСМ се повлече од преговорите, најави дополнителни консултации во партијата и оцени дека е прекршен Договорот од Пржино. Партијата денеска ќе ги соопшти наредните чекори. Со тоа, за СДСМ засега е ирелевентен податокот дека вчера бил постигнат напредок во преговорите за изборниот законик, како што соопшти европскиот олеснувач, Питер Ванхауте.
„Постигнавме договор за изборниот законик. Но се појавија и многу проблеми. Тоа е прашањето за специјалниот обвинител, каде очигледно ситуацијата не е каква што би требало да биде. Според договорот таа треба да ги има сите финансиски услови и персонал што ќе ги побара и ќе треба да претстави само план. Очигледно овој принцип не е испочитуван и затоа некои од партиите решија да ги напуштат преговорите. Мислам дека сите треба да ги почитуваат постигнатите закони, ова беше договорено во работните групи, ова беше регулирано со законот договорен од четирите партии. Многу е тажно што некои луѓе мислат дека можат да ја изиграат сопствената легислатива“ изјави Ванхауте.
Тој очекува притисок од меѓународната заедница, но и од домашната јавност.
Вчера со првична реакција се огласи амабасадата на САД во Скопје.
„Загрижени сме поради одлуката на Советот на јавни обвинители и ја разгледуваме ситуацијата“, соопшти амбасадата. Денеска во Скопје треба да пристигне и Известувачот за Македонија во Европскиот парламент и посредник во преговорите за надминување на политичката криза во земјава, европратеникот Иво Вајгл, за да се информира за текот на преговорите за спроведувањето на Договорот.
„Политичко обвинителство“
Вајгл доаѓа во време кога „виси“ реализацијата на Договорот и кога постојното обвинителство отвори фронт кон специјалното. Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, еден месец по изгласувањето на законот, изјави дека меѓу обвинителите постои голем револт, разочараност и навреда што е избрано специјалното обвинителство, кое е паралелна и политичка институција.
„Ние не сме политичка институција и нас не не интересираат политичките договори. Ние постапуваме во согласност со законот. Ако некој донесе политичка одлука да формира политичко обвинителство, јас се гордеам што ние не сме политичко обвинителство“, рече Зврлевски.
Тој потврди дека обвинителите ќе покренат иницијатива до Уставниот суд, со кој ќе го оспорат законот, a ќе бараат од Владата исти надоместоци како оние што ги бара специјалното обвинителство (додаток за ризик, доверливост и т.н).
Тоа ќе биде втора иницијатива, откако до Уставниот суд веќе стигнала една, потпишана од адвокатот Томе Тодоровски од Свети Николе.
Специјалната обвинителка Катица Јанева за Дојче веле изјави дека е разочарана што не се покажала волја за чекор напред во градење на правната држава.
„Одлуката е спротивна на Договорот од 2 јуни. Очекувам Советот на обвинители да ги прифати и другите предложени кандидати. Тие не доаѓаат на конкурс, туку со преземање. Ако се покаже дека нема голем обем на работа, јас сама ќе го намалам бројот и дел од нив ќе се вратат во обвинителствата од каде што се преземени. Но, тоа ќе го знаеме откако ќе почнеме со работа“, вели Јанева.
Механизми за опструкции
Зошто сега се актуелизираат прашања за додатоци и за недостиг на обвинителски кадар? Зошто обвинителот Зврлевски порано не побарал такви надоместоци, туку сега изборот на тимот на Јанева го користи како повод за вакви барања, кои се всушност параван за политиканска блокада на новата инстутуција - прашуваат и реагираат во правната фела.
Меѓу аналитичарите со кои разговараше ДВ, едногласна е оценката дека опструкциите на специјалното обвинителство имат цел да го опструираат Договорот од 2 јуни. Маргарита Цаца Николовска, поранешена судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во оваа епизода препознава „обид за одолговлекување на почетокот на работата на специјалното обвинителство, со крајна цел да се растури и да нема процеси“.
„И покрај тоа, и со овие седум обвинители Јанева може да почне да работи. Но, она што многу повеќе ме загрижува е барањето за заштита на уставноста. Имајќи ја предвид 'композицијата' на Уставниот суд, извесно дека ситуацијата ќе се искомпликува“, вели Николовска.
Адвокатот Александар Тортевски, не е изненаден од ваквиот развој. Смета дека било прашање на време, кога кон специјалното обвинителство ќе се покренат разни механизми за опструкции, кои и се на располагање на владејачката структура - преку финансиите, со доцнење на исплати и други форми.
„Кога сфатија дека се прави сериозно обвинителство, го возвратија ударот. Почна оркестрирана хистерија за финансискиот план на Јанева. Веројатно мислеа дека ова ќе биде нешто налик на Антикорупциската или на Лустрациската комисија, кои се под нивна контролира. Но, кога видоа дека специјалното обвинителство има намера сериозно да работи, ги активираа сите механизми“, вели Тортевски.
Смета дека сега на потег се меѓународните гаранти на Договорот, бидејќи опструкциите се „навреда кон авторитетот и кон придонесот на САД и ЕУ во надминувањето на политичката криза“.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ бега од избори!
Додека се чека СДСМ денеска да ги соопшти наредните потези, од ВМРО-ДПМНЕ уште вчера оценија дека повлекувањето на оваа партија од преговорите е „повеќе пати повторена тактика“.
„Секогаш кога ќе има прогрес во разговорите и секогаш кога ќе се исполнуваат условите за одржување предвремени парламентарни избори, тие бараат причини и изговор за да се повлечат, односно да го исполнат своето сценарио за да се одложат или да не се одржат избори. Луѓето очигледно имаат проблем со поддршката кај граѓаните, имаат проблем внатре во својата партија и бараат начин како сево ова што веќе е договорено меѓу четирите политички партии, вклучително и изборниот законик кој денес го договоривме, да не заврши со предвремени избори, знаејќи дека ќе ги изгубат“, рече Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и член на Работната група.