1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николиќ против Вучиќ - долго тлееше, сега избувна

Ивица Петровиќ
18 февруари 2017

Српскиот премиер Вучиќ и официјално стана кандидат на СНС за претседател на државата. Николиќ очекува да биде партиски лидер и премиер. Договор нема да има, сметаат соговорници на Дојче веле.

https://p.dw.com/p/2Xoop
Serbien Oppositionsführer Präsidentschaftskandidat Tomislav Nikolic Bürgermeisterkandidat Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со едногласна одлука на Централниот одбор на Српската напредна партија, СНС, Вучиќ официјално стана партиски кандидат за претседателските избори. Актуелниот српски претседател Томислав Николиќ и натаму има статус на неофицијален кандидат. Со најавената кандидатура, се чини дека Николиќ длабоко ја растресе партијата, која се обидува да демонстрира единство.

Дополнителна конфузија внесува тоа што никој всушност не знае дали Вучиќ и Николиќ воопшто се договараат и дали се во контакт. Според непроверена информација, постоел телефонски разговор од 15 минути и договор за средба на викендов (19.02).

Нема назад?

Николиќ во интервју за „Спутник“ отворено порача дека за откажување од кандидатурата бара враќање на чело на СНС и место како иден премиер.

„Ако не се договориме, ќе се кандидирам“ - е неговата порака. Некои медиуми пишуваат за тајни преговори, но тоа е демантирано од кабинетот на Вучиќ: „Премиерот не се интересира за Николиќ“.

„Карактеристично е што ние новинарите сега имаме блокада на информации“, вели за Дојче веле главниот уредник на весникот „Данас“, Драгољуб Петровиќ. „Порано имавме речиси секојдневна комуникација со српското претседателство, но сега оттаму не добиваме никаков одговор. Тоа покажува оти и во таборот на Николиќ постои конфузија во поглед на натамошниот развој на настаните.“

Петровиќ е уверен дека Николиќ на крај ќе се впушти во отворен судир со Вучиќ: „Мислам дека нема назад по сѐ што се случи. Веќе ништо во односите меѓу Вучиќ и Николиќ нема да биде исто, неможно е било какво помирување, судирот тлееше, а сега само се распламте.“

Tomislav Nikolic Archivbild Januar 2014
Томислав Николиќ - основачот на партијата стана нејзин баласт?Фотографија: AFP/Getty Images/A. Isakovic

Постепено отстранување на Николиќ

Професорот на Факултетот за политички науки Зоран Стојиљковиќ гледа пад на акциите на Томислав Николиќ на политичката берза, по демонстративната поддршка на СНС кон Александар Вучиќ. „Целата оваа медиумска кампања против Николиќ не е од вчера. Таа долго трае, станува збор за еден вид постепена маргинализација, на што Николиќ се согласи во голема мерка.“

Многу брзо по најавената кандидатура на Николиќ, почнаа проценките какво ќе биде нејзиното влијание врз изборниот исход. Мнозинството аналитичари не дава големи шанси на Николиќ, но со укажување -може да му ги замрси сметките на Вучиќ и да ја спречи неговата победа во првиот круг. „Доколку Николиќ се откаже од кандидатурата, ќе биде целосно маргинализиран. Со тоа станува реална победата на Вучиќ во првиот круг. Ако сепак се кандидира, тоа отвора простор за втор круг гласање, а прашањето е кој ќе влезе во него“, вели Стојиљковиќ.

Николиќ е навреден?

Преговорите меѓу Вучиќ и Николиќ ќе бидат многу мачни, на Николиќ „му е нудена и парична компензација“ во замена за одење во пензија, вели Драгољуб Петровиќ, според извори од „Данас“. Главната причина Николиќ да влезе во судир со Вучиќ тој ја гледа во големото разочарување од односот на партијата. Крајно, тој ги доведе на власт. „Но партијата во меѓувреме се промени, за неа Николиќ сега е баласт. Затоа, мислам дека станува збор за пркос, иако не би исклучил тој да е и некој руски фаворит на овие избори. За тоа нема докази, но има логика“, вели Петровиќ.

Партијата СНС на прв поглед се чини стабилна по почетниот шок. Но, Петровиќ не исклучува раскол во случај Николиќ сепак да ја објави својата кандидатура. Зашто, во локалните одбори, но и во повисоки партиски тела, многу луѓе се разочарани од Вучиќ. „Информациите од СНС велат - најголем дел од луѓето таму се од чист интерес. Ако не се остварат нивните интереси, тие лесно ќе се свртат. Најлогично би било да се свртат кон некој кој ја создал партијата, а тоа е Томислав Николиќ.“

Влијае ли овој судир на шансите на опозицијата? Можно е тоа да овозможи некој опозиционен кандидат да влезе во вториот изборен круг, сметаат некои аналитичари. „Тоа првенствено може да го искористи Вук Јеремиќ, кој е интересен и за бирачкото тело на СНС, па дури и за потенцијалните гласачи на Николиќ“, заклучува Петровиќ.