Десетици загинати во стампедо во Израел
30 април 2021Во текот на одбележувањето на голем еврејски празник во северниот дел на Израел, поради избивање масовна паника, смртно настрадале повеќе десетици верници. Спасувачките служби и болниците јавуваат за најмалку 44 загинати луѓе, додека преку 100 се повредени, од кои дел имаат повреди опасни по живот.
Во соопштението на хуманитарната организација Маген Давид Адом (МДА) во раните утрински часови несреќата се нарекува „несфатлива катастрофа“. Портпарол на службата за итна помош Зака изјавил: „Во итната помош сум повеќе од 20 години и никогаш не сум видел нешто слично на ова овде.“
Се огласи и израелскиот претседател Ровен Ривлин, кој истакна дека ги следи медиумските извештаи од Мерон и се моли за оздравување на повредените. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така изрази запрепастеност поради оваа трагедија, на Твитер порача дека во мислите е со стотината повредени.
Густо збиени
На видео снимки објавени на социјалните мрежи можат да се видат слики на катастрофата на кои густо збиени верници опуштено пејат, плачат и скокаат. Полициските служби соопштија дека до избивање на масовната паника дошло откако некои верници се лизнале и паднале по скалите, а потоа и оние кои биле зад нив исто така почнале да паѓаат.
Иако тамошните власти го ограничиле бројот на учесници на прославата на 10.000 верници, според зборовите на организаторите, во Меро биле собрани најмалку 30.000 луѓе допатувани од цел Израел.
ЛагБаОмер е прослава со која меѓу другото се одбележува и еврејското востание против римските окупатори, кое траело од 132 до 135 година. На планината Мерон е погребан рабинот Шимон Бар Јохаи, кој учествувал во востанието, а неговиот гроб е место на кое доаѓаат масовно верници на аџилак.