1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неонацисти сакале да патролираат на полската граница

БГ/ ДПА
25 октомври 2021

Германската полиција во неделата сопрела повеќе од 50 неонацисти вооружени со бајонет, мачета и палки кои сакале да спречат влез на мигранти на границата со Полска

https://p.dw.com/p/428kb
Deutschland Gross Gastrose | Deutsch-polnische Grenze
Германско-полската граница во близина на селото Грос ГастросеФотографија: Andreas Franke/picture alliance

Групата од преку 50 луѓе се придружиле на повикот на Третиот пат, радикално десничарска партија со врски со неонацистички групи, со цел да ги спречат обидите за илегално преминување кај градот Губен на германско-полската граница. Полицијата го запленила оружјето кое го носеле осомничените и ги натерала да ја напуштат областа во акција спроведена доцна вечерта во саботата и рано утрото во неделата. Поголемиот дел од групата ја сочинувале лица од пограничната покраина Бранденбург, но биле откриени и други кои допатувале од различни оддалечени покраини. 

„Го спречивме обидот на приватни граѓани да го преземат монополот на сила на државата, а тоа ќе го правиме и во иднина“, изјави портпарол на германската полиција. 

„Третиот пат“ е партија на неонацисти чии активности будно се следат од државната служба за заштита на Уставот, како и од службите на повеќе покраини. 

Deutschland I Protest gegen Grenzpatrouillen in Guben
Протести против неонацистичките патроли на германско-полската границаФотографија: Michael Tantussi/REUTERS

Како резултат на најавените активности на неонацистите, во пограничниот регион се одржуваат бдеења на граѓанските организации. Повеќе од 120 луѓе се собраа во саботата вечер во пограничниот регион и мирно протестираа со паролата „Нема да им го препуштиме регионот на неонацистите“. 

На пат од Белорусија 

Германските власти испратија дополнителни 800 полицајци на границата со Полска од каде веќе неколку месеци влегуваат голем број мигранти, во најголем дел испратени од Белорусија. Од почетокот на годинава регистрирани се 6.162 илегални влегувања во Германија од Белорусија и Полска, соопшти германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер. Тој предупреди дека доколку продолжи ваквата ситуација ќе се размислува и за враќање на контролите на границата, но конечната одлука и ја остава на следната германска влада. 

Deutschland Rechtsradikale Kundgebung gegen Flüchtlinge
Протести на неонацисти од „Третиот пат“ против приемот на бегалци во 2015 годинаФотографија: Imago/C. Ditsch

Трите германски партии кои работат на составување на новиот кабинет најавуваат дека планираат да ги завршат разговори до крајот на ноември, и да го изберат новиот канцелар, социјалдемократот Олаф Шолц во декември. 

Земјите членки на ЕУ ја обвинуваат Белорусија дека намерно испраќа илегални мигранти преку својата граница како реакција на санкциите на ЕУ кон земјата.