1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓанска војна на југоистокот на Турција

Томас Борман / Е.М. Фиданоска22 јануари 2016

На германско-турските консултации денеска главни теми се бегалците и борбата против тероризмот, но канцеларката Меркел сака да зборува и за слобода на печатот и Курдите. На југоистокот на Турција се води граѓанска војна.

https://p.dw.com/p/1Hi7f
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Coban

Во градот Џизре на југоистокот на Турција сѐ уште илјадници луѓе се скриени во подруми. Со себе имаат само уште сув леб. Во пластични шишиња собираат дождовна вода, зашто не можат да излезат на улица и да се снабдат со вода за пиење. На улиците патролираат тенкови на турската армија и пукаат врз борци на ПКК кои се забарикадирани во станови. Состојбата во Џизре е ваква веќе пет недели деноноќно.

„Да даде господ веќе да запре ова пукање. Ние сакаме мир. Крвопролевањето треба да заврши“, вели една старица од Џизре.

Пред неколку дена 16-годишно момче беше тешко повредено на улица. Имаше прострелна рана, но никој не му помогна, па момчето искрвари. Семејството очајно бараше болничко возило, но не дојде никој. Тоа, за жал, не е единствен случај, вели Ема Синклер-Веб од хуманитарната организација Хјуман Рајтс Воч:

„Кога некој е повреден, тогаш за жителите е многу тешко да добијат болничко возило. Полицијата постојано спречува болничките возила да стигнуваат до ранетите.“

Türkei Sirnak Zerstörung nach Militäroffensive gegen Kurden
Фотографија: picture-alliance/AA/abaca

Ема Синклер-Веб разговарала со многу луѓе во забарикадираните места и истражила многу смртни случаи. Покрај сите борци и војници, загинаа и околу 200 цивили, меѓу нив и мали деца. Се работи за борба на грбот на невините граѓани.

„Двете страни - државните органи, како армијата и полицијата, но и групите блиски на ПКК, се огромна закана за животот на луѓето кога водат борби во центарот на градот“, нагласува Синклер-Веб.

Бесот на жителите е помалку насочен кон ПКК, колку против државата, која овде населението го третира како колектив, известуваат новинарите кои можеле да ги посетат местата каде што се водат борби. И Ема Синклер-Веб смета дека турската држава носи одговорност: „Проблемот може да се реши и поинаку, а не само со гаѓање на центарот на градот со тенковски гранати.“

Türkei Polizei in Diyarbakir
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Akengin

Со ваквите постапки се изигрува и последната трошка доверба што курдските граѓани сѐ уште ја имаат во турската држава. Повеќе од сто илјади луѓе веќе избегаа од градовите на југоистокот на Турција каде што се водат борби. Тие заминуваат кај роднини во околината или во поголемите градови, како Истанбул. Дел ја напуштаат Турција и бегаат во странство. Многумина ќе заминат за Германија, предупредуваат курдските опозициони политичари. Граѓанската војна до 90-тите години на минатиот век се врати, оценува Ема Синклер-Веб од Хјуман Рајтс Воч.

„Ова многу потсетува на времето пред 20 години, кога жителите беа протерани од нивните села. Сега се протеруваат од градовите. Центрите на некои градови, на пример во Џизре, во меѓувреме изгледаат повеќе како градови во Сирија, отколку како градови во Турција.“

Ема Синјклер-Веб бара турската армија веднаш да стави крај на забраната за излегување, за затворените граѓани да можат да стигнат до вода за пиење, храна и да добијат лекарска помош. И - страните во конфликтот треба веднаш да го положат оружјето и да се вратат на маса за преговори. Меѓутоа, турската влада во моментов се потпира на воено решение, се жали Синклер-Веб. Таа се надева дека германската канцеларка Меркел ќе ја оствари својата најава и дека ќе го опомене турскиот колега Давутоглу оти е неопходно мирно решение на конфликтот на југоистокот на Турција.