На транзицијата на Балканот и’ нема крај
5 јуни 2020Србија на 21 јуни ќе гласа на парламентарни избори. Кога Црна Гора објави дека врз основа на епидемиолошка анализа одлучила да ги отвори граинците за некои земји, претседателката на српската влада Ана Брнабиќ, со оглед на тоа што на списокот ја немаше Србија, изјави дека Србите во Црна Гора се „непожелни“ и дека Србија ќе застане во одбрана на интересите на српскиот народ. Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ повторно го извлекува Косово како национален интерес, тврдејќи дека Србија нема да се откаже од кампањата против негово признавање. Србија е „оптоварена со национални интереси и со она што го нарекуваме ’српство’“, вели социологот Весна Пешиќ.
Но, додека разединетата и слаба опозиција тврди дека во Србија доминира радикализам кој ја презира демократијата, претседателот Александар Вучиќ ветува поголеми плати за здравствените работници и ги обиколува градилиштата. Вучиќ ја почна изборната кампања во празна просторија со 286 екрани од кои му аплаудираа приврзаници. Многумина тоа го нарекоа гротеска. Владачката партија СНС и нејзиниот претседател продолжуваат со тотална контрола над државата. Патријархот на Српската православна црква одамна го има дефинирано Вучиќ како „божји син“ и на тој начин се стави себеси и црквата во позиција на понизни.
Во Белград „свиркач“ предупреди дека таткото на министерот за полиција во „Крушик“ купува оружје по повластена цена и го продава на трет партнер. Но, судот одлучува да покрене постапка против - свиркачот.
Во годишниот извештај од 2019-та година Европската комисија заклучи дека реформата за сузбивање на корупцијата нема ефект. Во најновиот извештај на Фридом хаус режимот во Србија се дефинира како хибриден. Слични се и извештаите на Европската комисија и на Репортери без граници.
Суд во Хрватска одобри употреба на спорни симболи на концерт
Хрватска избира нов парламент на 5 јули. Иако е дел од ЕУ, методологијата на изборната кампања е иста. Така, неделава Високиот прекршочен суд одобри употреба на НДХ-симболи на концерт. НДХ соработувала со нацистите! Сличен е односот и кон грбот на една од хрватските воени единици. Претседателот на државата се спротивстави на таквото толкување на историјата, но веднаш е етикетиран! Хрватска беше дооволно мудра да не организира миса за жртвите во Блајбург на своја територија, но затоа беше покровител на мисата во Сараево. Протестираа илјадници луѓе, но целта беше постигната, минатото се прилагодува, националното собирање продолжува, а кокетирањето со десницата носи гласови на избори.
Најновата афера за корупција е откриена при работата со централите на ветер. Уапсени се членови на владеачката партија, некои од нив се блиски до премиерот Андреј Пленковиќ, кој вели дека владата „не сака да биде инволвирана во некои одделни акти кои го нарушуваат угледот на владата“. Меѓутоа, се работи за луѓе од неговото опкружување, а истрагата стигна и до заменичката на шефот на неговиот кабинет. По повод аферата во владата се поставуваа прашања за надлежноста на Државното обвинителство, но тоа реагираше со цитирање на законот кој вели дека е „забранет секаков облик на влијание, а посебно секаков облик на присила кон државните обвинители и замениците на државните обвинители“. Во текот на мандатот на оваа влада неколку министри беа присилени да си заминат предвреме од функцијата поради афери со корупција!
Осомничен за корупција ја води владата на Федерацијата
Босна и Херцеговина веројатно ќе закаже избори за октомври. Во аферата „респиратор“, во која компанија овластена за производство на малини доби зделка од владата за купување на бескорисни респиратори, се потрошени пет милиони евра. Обвинителството притвори тројца, меѓу нив и премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ. Но, владеачката партија СДА успева да го ослободи од притвор и да го врати на должност, па така сега осомничениот за корупција ја води владата на Федерацијата! Првиот човек на таа партија, Бакир Изетбеговиќ, употребува национална карта и вели дека „обвинитлеството е под политичко влијание. Ова е само продолжение на нападите врз Бошњаците. Тие се прво отстранети од врвот на правосудството, а потоа станаа повеќе присутни во обвиненијата, особено кога во прашање е воено злосторство!“
На социјалните мрежи се шири видео за купување на изборите во вториот босанскохерцеговски ентитет, Република Српска, но властите не се осврнуваат на тоа. Истовремено, во текот на 2019 година е донесена само една пресуда за кривични дела за корупција во предметите кои ги води Обвинителството на Босна и Херцеговина. И, таа единствена пресуда е - ослободителна!
Коментаторот на порталот Buka.ba вели дека БиХ е „официјално киднапирана и тоа со демократски избор на мнозинството!“
Транзицијата кон општество на демократија е природно долга, но на Западен Балкан и’ нема крај. „Стабилократијата“ продолжува со пораст на автократијата и на нетолеранцијата. Економијата е киднапирана од страна на локални олигарси кои имаат силни врски со владеачките партии. Логична последица е раст на авторитаризмот и нетолеранцијата.
Војната заврши пред 20 односно 25 години. Ако политичките лидери не сакаат транзицијата да трае уште толку, прво мора да се откажат од реториката на судири, треба строго да го почитуваат владеењето на правото и да престанат да чекаат притисок од ЕУ за нешто да спроведат. Решението на нивните проблеми не е во Брисел, туку дома.