Најубавите езера во Германија
Во ретко која друга европска земја има толку многу езера како во Германија. Според проценките, нивниот број е помеѓу 15 и 30 илјади. Ова е избор на најубавите - почнувајќи од север кон југ.
Мириц
Мириц во северна Германија има големина од повеќе од 110 квадратни километри. Тоа е најголемото езеро кое се наоѓа целосно на територија на Германија. Боденското Езеро на југ е поголемо, но тоа е распространето и во Австрија и Швајцарија. Мириц е дел од Мекленбуршкото Поезерје, регион со многу езера, плажи, пространи ливади и шуми.
Ванзе
И во околината на Берлин има многу езера, а најпознато е Големото Ванзе. Плажата со ситен песок, долга 1,2 километри, пружа чувство како да сте на море. А, таквото чувство и не е сосема погрешно, зашто песокот за плажата е делумно донесен од Балтичко Море. На езерото има место за околу 50.000 капачи, па сепак налето се случува да нема место.
Штајнхудско Езеро
Чувството како да сте на море го имате и при капењето во Штајнхудското Езеро. Оттука и збунувачкото име на езерото (Steinhuder Meer; Meer значи море) кое се наоѓа на околу 30 километри северозападно од Хановер. Тука има две плажи - на северниот дел од езерото и на островот за капење во Штајнхуде. Околината околу езерото е разнолика - шуми, мочуришта, дини.Тие канат на возење велосипед или прошетки
Машзе
Кога жителите на Хановер не сакаат да возат далеку, имаат езеро и директно на својот праг - Машзе. Тоа е вештачко езеро, создадено во 1930-те и се протега пред Новото градско собрание, една од големите знаменитости на Хановер (на фотографијата).
Титизе
Романтично! Титизе е сместено помеѓу ридовите на Шварцвалд, на југот од Германија. Налето е одлично за пливање и за возење педалинки, а назима е речиси постојано замрзнато. Особено позната и убава е променадата на која шетаат туристите, но и жителите на Титизе-Нојштат.
Боденско Езеро
Најголемото по површина и најдлабоко езеро во Германија, кое се протега и во Австрија и Швајцарија, се наоѓа на југот на земјата. Климата е јужна, па дури има и палми, а во позадина кон небото се протегаат Алпите, со врвови покриени со снег. Градски центар во регионот е Констанц (на фотографијата).
Штарнбершко Езеро
Штарнбершкото Езеро радо се нарекува - минхенската када! Тоа се наоѓа на само неколку километри оддалеченот од главниот град на покраината Баварија и налето претставува место за опуштање и рекреација на жителите на градот. Има многу убави места за капење, делумно и со песочни плажи. Едрење, возење велосипед, прошетки - и сето тоа при прекрасна планинска панорама.
Кимско Езеро
И Кимското Езеро има прекар. Се нарекува баварско море, затоа што со своите 18 километри должина е најголемото езеро во Баварија. Убавините на езерото знаел да ги цени уште кралот Лудвиг Втори, кој тука го изградил дворецот Херенкимзе, еден вид баварски Версај.
Валхензе
На Валхензе, едно од најдлабоките и истовремено најголеми алпски езера во Германија, се чини како Карибите да се среќаваат со баварската идила. Опколено од величествени планини, езерото отсјајува во тиркизна боја. Невообичаената боја доаѓа од многуте калцити на планините Карвендел кои се „мијат“ во езерото и ја рефлектираат сончевата светлост.
Кралско Езеро
Од убавината на Кралското Езеро во националниот парк Берхтесгаден биле фасцинирани безброј уметници. Над езерото се издига планината Вацман и ја прави кулисата едноставно перфектна.