1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдобрите занаетчии во светот

16 октомври 2011

На светското првенство на занаетчиите во Лондон учествуваа и 26 натпреварувачи од Германија. Манифестацијата „Ворлдскилс“ веќе 60 години служи и за привлекување на подмладок во бројните занаети ширум светот.

https://p.dw.com/p/12nYh
Фотографија: picture-alliance/dpa

За Регина Рагер почнува завршната фаза. Веднаш на почетокот од финалните натпревари, на програмата се осум дисциплини. Финалистите по гастрономија мораат да подготват стек, уметнички да сечат овошје, да покажат стручно виткање на салвети и да миксаат вкусни коктели.

21-годишната Регина Рагер од Баварија со месеци се подготвувала за овој натпревар, бидејќи судиите од жирито се многу строги и внимаваат на секој детал. На нејзиното лице меѓутоа не се забележува напнатоста. Судиите водат сметка и за љубезниот настап. Затоа насмевката е составен дел од натпреварот. „Тоа е голем предизвик, кога еднаш човек го имал тоа чувство на натпреварување со другите. И потоа при доделувањето на наградите да стоите и да си мислите: беше ли доволно тоа што го покажав? Освен тоа, ваква награда е добра за препораките кога барате работа...“

Борба за подмладок

Овој саем на занаетчиски способности меѓутоа не се одржува за да се нашминкаат препораките на подмладокот, туку пред се’ за да се презентира она што е вредно во занаетите и со тоа да се привлечат младите.

07.06.2011 DW-TV Made In Germany Handwerk
Фотографија: DW-TV

„Едноставно сакаме да ги промовираме овие професии, потребни ни се млади. Во светот има доволно банкари и адвокати, ние сакаме да ги истакнеме повеќе занаетите. Тука ни недостасува подмладок, што може да се забележи и од дискусијата за стареењето на населението.“

Добри квалификации

Подмладокот не е доволно да биде подготвен на тоа да си ги извалка рацете, туку треба да има и предзнаења од областа на високите технологии. Се едно дали станува збор за роботика или за козметика, занаетите се исплатливи само за добро образуваните кадри. На пример како Винсент Викер, кој додека ги обработува каросериите, сонува за златен медал на натпреварот.

„Многу би се радувал да го добијам, но ќе се обидам да останам скромен и нема да го закачам медалот во фирмата и да си замислувам дека сум нешто посебно. Си ја вршам работата, како и сите други, само малку повеќе се потрудив...“

Ваквата скромност и нејзиниот систем за образување занаетчии Германија ќе има прилика да ги презентира пред очите на светската јавност за две години. Во 2013 имено саемот „Ворлдскилс“ се одржува во Лајпциг.

Автор: Гехард Елферс/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска