Демократска и делегатска ерозија во ВМРО-ДПМНЕ
23 декември 2017Во 11 часот продолжи со работа дводневниот 16. вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој, покрај обраќањето на Никола Груевски, вниманието е свртено кон клучните точки од дневниот ред: Претставување на кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ; Избор на Комисија за спроведување на изборот за претседател; Избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на Статутарна и Надзорна комисија за материјално–финансиско работење на партијата, и на крајот - обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека не би требало да има неизвесности, со оглед дека единствениот кандидат за претседателската функција, Христијан Мицкоски, наводно се кандидирал со поддршка од 300 делегати. Дали потписите ќе се преточат во гласови?
Лидерот во заминување, Никола Груевски, одговарајќи на забелешките за нелојална конкуренција во процесот на кандидирање и фаворизирање на еден кандидат, пред три дена ги смируваше сопартијците со став дека на Конгресот секој кандидат почнува од „нула“.
„И оној кој собрал 30 потписи, и ако некој собрал 100 или 200 или повеќе потписи за поддршка, колку и да му прави тоа психолошка предност, сепак на Конгресот се почнува од нула, бидејќи гласањето е тајно. Доколку е точно дека некои од претендентите за претседател се однесувале дрско, арогантно, заканувачки или било како несоодветно (...) секој нормален делегат и да дал и да недал потпис за поддршка на личност со такво однесување, при тајното гласање на Конгресот има можност да го казни кандидатот кој така пристапил: нема да гласа за негова поддршка“, напиша Груевски на Фејсбук.
Уназадена демократија
Денеска и Мицкоски почнува од нула. Но, за разлика од претходните партиски конгреси, тој се соочува со отсуство на дури 133 делегати од вкупно 544, што е најголема ерозија на довербата во досегашната историја на партијата. Иако Конгресот има кворум за работа, изборот на претседател со еден кандидат и отсуството на повеќе од една четврина од делегатите, фрла сенка на најавите за демократизирање на партијата.
Повеќе на темата:
- ВМРО-ДПМНЕ пред тежок избор: Христијан или Мицкоски?Бунт во Белата палата: Вмровците против „манџуриски кандидат“
За тоа како „напредувала“ внатрепартиската демократија, сведочат партиските конгреси во последните 15 години. Никола Груевски за првпат беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот што се одржа на 24 и 25 мај 2003 година во Охрид. Во трката за лидерската позиција противкандидат му беше Марјан Ѓорчев. Тоа беше последен пат кога тој се соочи со противкандидат. По четврти пат беше реизбран за лидер на последниот, 15-ти Конгрес одржан во Куманово на 2-ри и 3-ти мај 2015 година, исто така во битка без никаква конкуренција. Освен што немаше противкандидат, за неговиот „титоистички избор“ сведочат и резултатите од гласањето: од 529 делегати доби „само“ 528 гласа, заради тоа што едно гласачко ливче беше прогласено за неважечко. Она што привлекува внимание е што на тој Конгрес од 560 делегати присутни биле 529.
Конгрес со најмалку присутни делегати
На вонредниот Конгрес во Валандово, со присутни 411 делегати, е исполнета обврската од членот 18 од партискиот статут „конгресот да може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“.
Но, прашањето не е само во математиката, туку и во симболиката. Со забелешки дека Конгресот не ги исполнува демократските стандарди, на него не присуствуваат долгогодишните пратеници, дел поранешни министри и блиски соработници на Груевски: Антонио Милошоски, Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Борис Змејковски, Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Никола Попоски, Марта Томовска-Арсовска и ред други. Од друга страна, присутни се Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа Милевска, поранешниот градоначалник Коце Трајановски, пратениците Александар Николовски, Влатко Ѓорчев, Даниела Рангелова, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков...
Ваквата слика укажува на несогласување околу стандардите на Конгресот и концептот за идно дејствување на партијата. Груевски вчера ијави дека очекува мирен и транспарентен Конгрес, за да се донесат мудри и рационални одлуки, а кандидатот Мицкоски најави дека денеска ќе образложи насоките врз кои ќе почива идната политика на партијата.