1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најавен протест против полициска бруталност

25 септември 2020

Од невладината организација „Аваја“ на протест ја повикаа ромската заедница и невладините организации, со цел да не се повторат слики како оние во Битола

https://p.dw.com/p/3iz7F
Mazedonien Polizei  Symbolbild
Фотографија: P. Stojanovski

Видеото на социјалните мрежи, на кое се гледа како полициски службеници применуваат сила врз лице кое лежи на улица, вчера предизвика бурни реакции во јавноста. Подоцна, од објавениот разговор на претставник на невладината организација „Аваја", јавноста  дозна дека не било физички нападнато само едно лице. За инцидентот говореа тројца граѓани, кои се идентификуваа и објаснија дека на инцидентот во Битола пред два дена му претходела сообраќајната несреќа што тие ја предизвикале. Како што изјавија, тие се враќале од роденденска прослава, биле пијани и со возилото удриле во бандера. Но, наместо да им биде пружена помош, од сообраќајните полицајци кои пристигнале на местото на незгодата, тие биле физички нападнати. Тврдат дека тепањето и навредливиот однос кон нив продолжил и во полициската станица, каде биле задржани до 5 часот наутро.

„Вода побарав, не добив. Се шегуваа и се изживуваа со нас како да сме стока“, сведочеше едно од лицата. Добиле рентген снимки и медицински белешки за повредите, но не и фискални сметки.

Едниот од повредените изјави дека е дијабетичар и дека има 9 стента, и дека јавноста мора да знае каков стрес доживеале, за да не му се случи истото на некој друг.

Од невладината организација „Аваја" најавија дека ќе организираат протест против полициската бруталност и ја повикаа ромската заедница и невладините организации да се приклучат, со цел ваквите случаи да не се повторат .

Ромската заедница мета на дискриминација

Од МВР уште вчера изјавија дека внатрешна контрола ќе утврди што се случило.

„Во врска со видео материјалот што беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој најостро го осуди таквото однесување на полициските службеници и најави дека ќе поднесе претставка до специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се покрене постапка пред суд со цел утврдување на кривична одговорност. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во МВР, ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постапка“, соопшти ХК.

Оттаму изразија голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница, потсетувајќи дека инцидентот во Битола се случува само три месеци по полициската бруталност врз бездомни лица-Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје.

Говор на омраза против Роми

Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигура дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници. Ваквиот третман кон ранливите групи граѓани, кои долги години во изминатиот период беа жртви на полициско насилство, мачење и понижувачки третман, нема да ја врати довербата во полицијата. Напротив, ваквото однесување дополнително придонесува граѓаните да се чувствуваат загрозено и исплашено“, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Контролен механизам

На потег сега е Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој е контролен механизам на МВР врз работата на полицијата. Надлежностите на Одделот опфаќаат широк спектар на мерки и активности, кои се насочени кон утврдување на непрофесионалното, незаконито и неетичко постапување на вработените во МВР, како и преземање на мерки за нивно спречување од превентивен и репресивен аспект.

Согласно со Законот за внатрешни работи, Одделот за внатрешна контрола е посебна и независна организациска единица на МВР. Граѓаните имаат право таму да поднесат претставка кога сметаат дека со постапувањето на работникот во МВР се повредени нивните слободи и права. Одделот, во рок не подолг од 30 дена од приемот на претставката во писмена форма, треба да го извести подносителот за утврдената состојба и преземените мерки.