1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нацистите во Кетен заштитени со закон?

Даниел Хајнрих
11 септември 2018

По смртта на 22-годишен Германец, десничарски демонстранти во Кетен држат говори полни омраза против странците, зачинети и со злонамерни критики против новинарите и власта, а сепак остануваат неказнети.

https://p.dw.com/p/34eqF
Deutschland Tödlicher Streit in Köthen - Trauerzug
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow

Кетен во покраината Саксонија-Анхалт: на прв поглед изгледа како идилично гратче. Се наоѓа помеѓу Хале и Магдебург и има околу 30.000 жители. Но, од викендот наваму на идилата ѝ е ставен крај.  

Ноќта кон неделата почина 22-годишен Германец кому му откажало срцето, на што претходела кавга меѓу повеќе лица. Во врска со случајот, полицијата притвори двајца Авганистанци. Иако досега не е позната заднината на настанот, десноориентираните партии и групи тоа го искористија за првично мирен „марш на жалост“ со учество на околу 2.500 луѓе, по кој следеа говори полни омраза и подбуцнување.

Говорот на Кекерт

Со изрази на омраза и ксенофобија се истакнуваше посебно говорот на Давид Кекерт, познат неонацист од Тирингија и поранешен член на неонацистичката партија НПД. Тој зборуваше меѓу другото за „расна војна“ против „германскиот народ“, „стапка на размножување на странците“, „исламизирање на земјата“, па до изрекувањето обвинување дека „овој негермански свињарски печат молчи“. Видео-снимките од неговиот говор на социјалните мрежи имаа неколку стотици прегледи, беа споделувани и коментирани.

Согласно на одредбите од Уставот, во Германија постои слобода на мислењето. Членот 5 недвојбено истакнува: „Секој има право слободно да го искаже и да го шири своето мислење во форма на зборови, пишан текст и фотографија“. Но, според експертот за уставно право Михаел Мајер-Ресенде, директор на невладината организација Демокраси Рипортинг Интернешнл, која се залага за одбрана на темелните демократски вредности, говори како овој на Кекерт се на границата на дозволеното. „Појдовна точка е слободата на мислење, што значи - секој смее да каже што мисли,“ вели тој. Но, да се очекува полицијата многу брзо да оквалификува дека станува збор за подбуцнување на народот, да го растури собирот, и да му го одземе микрофонот од рака на говорникот, би било претерано. Кривичното право може да биде применето и отпосле.

Deutschland 2016 Demonstration der Thügida in Erfurt
Давид Кекерт е познат нацист од ТирингијаФотографија: Imago/pictureteam

Полицијата во „сфера на тензии“

Притоа, се отвораат прашања и околу улогата на полицијата. Таа во Кетен беше присутна во поголем број, за разлика од десничарските безредија во Кемниц пред две недели. Но, полицајците, кои беа засилени со единици од други покраини, не интервенираа ни тогаш кога одделни демонстранти подоцна вечерта маршираа низ градот и скандираа пароли како „националсоцијализам сега“ или „слобода, социјала и националност“. Фактот што извикувањето вакви пароли остана без последици, „навистина боли“, вели Мајер-Ресенде. 

Сепак тој се става во одбрана на полицајците, зашто во вакви случаи се поставува и прашањето „дали полицијата имала доволно ресурси за легитимирање, поведување постапка и директно лишување од слобода на лицата“. Доколку на полицијата ѝ е познат идентитетот на лицата за кои станува збор, тие можат да бидат притворени и подоцна. „Полицијата се наоѓа во зона на тензии, зашто таа е присутна на теренот за да ја има во вид целокупната манифестација, а не само да спречи конкретни кривични дела“, објаснува Мајер-Ресенде.

Повеќе: 

Демонстрациите во Кетен минаа без насилство

Победа на поени за десницата: Меркел предоцна оди во Кемниц

Новинари попречени во работата

Слично како и во Кемниц, овие денови и во Кетен се присутни новинари за да известуваат за настаните. И слично како и во Кемниц, ситуацијата за нив е делумно опасна. Маркус Енгерт на викендот беше во Кетен за да известува за интернет-порталот „Базфид“. Во видео-порака до своите интернет-следбеници тој документираше како учесници на протестот го препознаа и го туркаа, при што му беше искината маицата. Енгер очигледно не беше единствен новинар нападнат не само вербално, туку и физички. За слични вознемирувања сведочи и Мартин Каул од „Тагесцајтунг“.

Тоа што новинарите на маргините на демонстрација не можат непречено да си ја вршат работата, за правникот Мајер-Ресенде е исклучително проблематично. Сепак, тој не сака да зборува за потфрлување на надлежните служби:

„Јас сум претпазлив пред вакви големи слогани, зашто сметам дека ја попречуваме демократијата ако уште отсега зборуваме за потфрлање на државата. Полицијата ја испраќаат низ целата држава, нејзините службеници се ангажирани и за време на викенди за да можат да се одржуваат демонстрации.“ На овие луѓе сега да им се префрли дека не е сѐ во ред, за мене е претерано, вели Мајер-Ресенде.

Но, според него, сепак е недвојбено придржувањето кон темелниот принцип, секој во Германија да може да патува низ земјата и да известува, слободата на печатот мора да се брани. Важноста на слободното известување и за самите служби станува притоа сѐ поочигледна. Надлежните служби често ги користат и новинарските извештаи од теренот како база за својата истрага. Најавено е дека во иднина ќе се врши проверка за постоење евентуална кривично казнива содржина во одржаните говори, меѓу другото од аспект на обвинување за подбуцнување на народот.