1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наука со празен стомак и џеб-не бива

7 март 2010

Веќе пет месеци студентите немаат добиено стипендии, се жалат на лошите услови во студентските домови, а за годинава се најавува и прекинување на праксата апсолвентите да добијат ваучери за компјутери.

https://p.dw.com/p/MJD5
Меѓу амбициите и реалноста, македонски студентиФотографија: MIA

Кризата го стори своето, признава министерот за образование Никола Тодоров, и таа жестоко се одрази врз студентскиот стандард, иако владата чини се‘ што е во нејзина моќ за да го ублажи ударот и најави дека стипендиите со задоцнување сепак ќе „легнат“ на студентските сметки.

„Ние без разлика на се‘, се трудиме да ги исполниме сите наши обврски кон студентите, особено за стипендиите. За условите во студентските домови можам слободно да кажам дека таму условите можеби не се катастрофални, но сепак не се на задоволително ниво и мораме да се потрудиме тоа да го поправиме“, вели Тодоров кој дополнува дека во програмаат за оваа година МОН има во план реконструкција на објектите во студентскиот дом Стив Наумов, како и во неколку други ученички домови.

Што за условите за сместување и за храна мислат студентите?

Едни се релативно задоволни и од сместување и од храната

„Многу е подобро отколку што беше, а храната е добра, задоволни сме. Месечно за живеење ми се потребни од 100 до 150 евра“, велат студентите.

Како во 18 век

Други пак, се многу покритички, особено за сместувањето во старите бараки во домот Стив Наумов.Таму, како и во Домот Гоце Делчев со денови нема парно а причина се неплатени сметки во износ од 9 милиони денари.

Studenten - Uni Skopje
Во лето е лесно, но во зима, па и без парно греење...Фотографија: MIA

„Во Стив Наумов условите се катастрофа, особено во бараките: немаме тушеви, немаме услови за лична хигиена, а и бањите се катастрофа. Спиеме со глувци. Само храната е добра, И јас не сум задоволен: нема никакви услови за живот. Живееме како да сме во 18 век. Треба да минеме 200 метра откако ќе се избањаме за да стигнеме до бараката, а надвор е минус 10 степени,“ велат другите, многу понезадоволни студенти.

За реконструкцијата на домовите се потребни многу пари. Тодоров додава дека само Студентскиот центар годишно генерира огромни загуби од 24 до 26 милиони денари, кои доколку не беше ваква ситуацијата, парите ќе можеа да се вложат во реновирање на објектите за студентите.

Нов концепт за кредитите

Што се однесува до кредитите за студентите, за кои се пушти глас дека ќе бидат укинати како форма на помош, Тодоров вели дека сега е во тек обмислување на новиот концепт за исплата на кредитите.

„Констатирав дека сите кредити што досега се доделувани биле доделувани како стипендии. Досега не се барал поврат на средствата и затоа биле како стипендии. Тоа е констатирано во сите досегашни ревизорски извештаи и затоа мора да се реши на поинаков начин “, вели министерот за образование.

Од друга страна, министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, јавно призна дека владата во буџетот ги нема потребните 2,5 милиони евра за апсолвентските ваучери за компјутери, што дополнително ги разочара студентите. Евентуално, најави тој, нешто ќе може да се стори дури со првиот ребаланс на буџетот, што вообичаено се прави во јуни, пред годишните одмори. Апсолвентските ваучери досега беа исплатени на два пати во 2007 и 2008 година.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска