Напливот мигранти - закана за туризмот
14 февруари 2016Притисокот од бранот мигранти носи сериозен предизвик но и проблеми за Македонија и регионот. Неизвесноста на кризата чија динамика се очекува да добие на интензитет создава дополнителна нервоза. Безбедносниот аспект секако е во преден план со оглед на напливот од Грција, која очигледно не е во состојба да ги задржи бегалците кои пристигнуваат главно од Турција. Дополнително и поради отсуството на јасно дефиниран и единствен концепт на ЕУ за ефикасно справување со предизвикот. Надлежните уверуваат дека процесот успешно се менаџира и нема да ескалира, но проблемот е што психолошки тој веќе почнува да се рефлектира врз економските текови. Покрај транспортот, туризмот е оној кој веќе детектира првични неповолни сигнали кои лесно можат да станат и многу сериозни доколку проблемот ескалира:
„Кога некој размислува да отпатува некаде и гледа дека таму се поставуваат мрежи, огради, тогаш сигурно дека тоа нема да биде предизвик тоа и да го направи, туку ќе си каже- сега не е добро време за оваа дестинација. Ние веќе детектираме и имаме индикатор од гостите од Холандија дека годинава ќе биде пониска од очекувањата, односно во моментов таа позитива е пониска од онаа што ја имавме во истиот период минатата година. Треба да бидеме загрижени, но од наша страна треба да се направи она што треба да се прави и се прави. Но, во никој случај не треба да се провоцираат работи или инциденти кои ќе одекнат далеку и ќе влијаат негативно врз имиџот и сликата за Македонија. Лани тоа го почувствувавме поради немилите настани во Куманово и потоа ни требаше многу време и напори да се вратиме назад“, изјави за Дојче веле Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ, асоцијацијата на хотелиери и угостителски работници.
Да се следи внимателно состојбата
Експертите сметаат дека состојбата не треба да се потценува, туку напротив треба да се следи со внимателност. Сепак посериозни импликации барем засега не треба да се очекуваат:
„Не може да има негативни последици врз туристичките потенцијали бидејќи бранот бегалци, односно мигранти се одвива со ограничен транзит, да не кажам забарикадиран, така што тие нема да извршат девастација на туристичкиот простор. Тие се движат на оние места каде се лоцирани и се контролирани, така што не би требало да има последици. Засега тие се далеку од туристичките центри како Охрид, Попова Шапка или Маврово, така што нема да има импликација. Лично не очекувам, иако и вака паушално без детална анализа и податоци не може да се коментира“, смета универзитетскиот професор Јован Стојановски.
Надлежните се свесни за ризикот што го носи кризата со мигрантите, но засега не гледаат причини за посериозна загриженост:
„Досега не се евидентирани случки и настани кои би влијаеле на индивидуалниот и организираниот туристички промет, секако дека постои одредена несигурност за донесување одлуки за патување што се однесува на оваа состојба, но се надеваме дека информацијата дека Македонија е безбедна туристичка дестинација ќе стигне до сите кои сакаат да не‘ посетат. Ние активно работиме на тоа. Градењето имиџ е работа која бара да се земат во предвид многу аспекти и да се направат предвидувања на можни сценарија, на подолг рок. Она што може да го направат надворешните влијанија на имиџот на една држава, не може да го сопреме, но може да превенираме со сите алатки кои се во наша моќ. Ова не е проблем на Македонија, туку е глобален проблем. Досега, туризмот во Македонија не е афектиран во ниту еден поглед, за што впрочем говорат и минатогодишните статистики и зголемениот број на туристи, со тоа што мора да се има предвид фактот дека оваа состојба започна минатата година. Со самото тоа што мигрантите не престојуваат, туку само транзитираат низ нашата земја, не преставуваат закана за туризмот. Ние се обидуваме да ги искористиме глобалните, економските и политички состојби и промени во согласност со нашата стратегија за привлекување и зголемување на бројот на туристи“, изјави за Дојче веле Лела Крстевска, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.
Шанса за Македонија?
Дел од туристичките работници сметаат дека бегалската криза не мора да значи само проблем, туку можеби и шанса за Македонија:
„Поради кризата на Блискиот Исток, туризмот замре во Египет, но не само таму, секаде каде е присутна Исламска држава повеќе нема туризам. Оттука и со право може да се очекува засилен интерес за регионот, вклучително и за Македонија. Во моментов на голема врата кај нас за прв пат влегуваат и швајцарски туристи за кои веќе две години се подготвува теренот од страна на нивни туристички агенции. Она што е еден вид хендикеп за Западна Европа, од аспект на напади, немири, штрајкови, за нас е еден вид поволна ситуација, но не можеме да кажеме до кога тоа би траело. Во оној момент кога ќе почнат да се депортираат мигрантите тогаш ситуацијата може комплетно да се промени. Сепак, јас сум сигурен дека оваа и наредните две години ќе имаме голем наплив на туристи од Западна Европа и Далечниот Исток. Директно сум вклучен во овие случувања и низ низа разговори доаѓам до заклучок дека ако нивната присутност на Блискиот Исток била многу голема, сега избегнуваат да одат таму и бараат нешто ново и неоткриено. Македонија може да се вклучи во тие текови, како еден вид мирно прибежиште“, смета Климент Наумов од Здружението на туристички водичи на Македонија.
Не треба да има опуштање
Шансите се отвораат но колку е лесно тие и да се искористат? Дел од инволвираните предупредуваат дека се` позивесната криза ќе ја засили конкурентската битка во регионот. Затоа предупредуваат дека не треба да има опуштање:
„Турција во моментов ги спушта цените под минимум само за да не трпи огромни загуби и да опстанат тамошните хотелиери. Тоа одекнува и веќе постои преплавеност. Но во секој случај е добро што годинава ние бележиме турски гости на т.н. кружни тури, а имаме и нови пазари, туристи од Кина, Јапонија, Филипини кои засега се малку застапени но секоја година имаме раст на тие гости. Значи треба да се обрне внимание и да се насочи фокусот кон тие држави, бидејќи за нив тоа што се случува со бегалците нема да им ја поремети перцепцијата до толку за да ја откажат таа поголема тура во регионот која е карактеристична за нив“ смета првиот човек на ХОТАМ.
Да се задржат домашните гости
Со оглед на состојбите и во Грција, предизвик според Наумов ќе биде да се задржи вниманието и на домашните туристи:
„Доколку Грција лани забележа намалување на бројот туристи поради кризата, мислам дека и Македонецот годинава би се запрашал дали да ја посети Грција или ќе бара алтернатива. Мое предвидување е дека ќе имаме сепак повеќе домашни туристи, што е потребно со оглед на трендот на замирање во последните години. Ова е погоден момент посетителите од Скопје и внатрешноста да се вратат во Охрид, но прашање е дали сме подготвени на еден таков притисок бидејќи сето тоа бара цврсти и добро подготвени кадри во туризмот. Но на овој план ситуацијата е незавидна“, коментира Наумов.
Туризмот во последниве години важи за една од побрзо растечките економски гранки во Македонија, поттикната од засилена промоција и финансиска поддршка за тур - операторите кои носат туристи во државата. Статистиката покажува позитивни резултати, но сепак се` уште и скромни во споредба со потенцијалите со кои располага државата.