1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напаѓачот го најавил масакрот на интернет

ДВ/Ралф Хајнекен12 март 2009

Напаѓачот од Виненден ги најавил неговите намери на еден интернет-сајт само неколку часа пред да ги изврши крвавите убиства. Според полицијата, младиот човек се лекувал од депресија.

https://p.dw.com/p/HAHp
Сликата од Виненден е трогателнаФотографија: AP

Напаѓачот од Виненден ги објавил своите намери на една интернет страница, ноќта пред крвавиот масакр, објави министерот за внатрешни работи на покраината Баден Виртемберг, Хериберт Рех. Тим К. го напишал следново:

„Доста ми е. Преку глава ми е од ваков мизерен живот - сите ме исмеваат, никој не го препознава мојот потенцијал. Сериозен сум, имам оружје и утре ќе одам во моето поранашено училиште. Ќе слушнете за мене, памтете ми го зборот. И не заборавајте го името на градот Виненден. А сега без јавувања во полиција, не се плашете, само се шегувам.“

Ова го напишал младиот човек во 2.45 часот по полноќ. По масакрот во Виненден, едно момче од Баварија му го покажало на татко му разговорот на интернет-страницата, што во тоа време никој не го сфатил сериозно.

Покрај тоа, познато е дека Тим К. од 2008 година се лечи од депресија во една психијатриска клиника. Терапијата требало да продолжи во клиниката во Виненден, но Тим ја прекинал. Додека беше во бегство, тој уби и еден од вработените во клиниката.

Сторителот бил вешт во користењето на оружјето

Deutschland Amoklauf Winnenden Tatwaffe
Оружјето со кое се извршени грозоморните убистваФотографија: AP/Reproduktion: Daniel Roland

Министерот за внатрешни работи на Баден Виртемберг, Рех, изјави и дека напаѓачот бил прилично вешт во ракувањето со оружјето. Тој бил делумно член на стрелачкото друштво во кое членувал татко му. За време на инцидентот, истрелал преку сто куршуми, шеесетина во училиштето и уште четириесет додека бегал. Татко му дома имал преку 4.600 парчиња муниција.

Според податоци од државното обвинителство во Штутгарт, седумнаестгодишното момче посетувал стручно училиште за продавачи. Бил голем љубител на компјутерски игри со насилство и со часови седел пред компјутерот.

Таткото на Тим. К поседувал различно оружје, што го чувал во сеф со безбедносен код. Наводно момчето го дознало кодот и на тој начин дошло до оружјето со кое го извршило нападот. Дел од муницијата што ја понел Тим била скриена во спалната соба на татко му. Против него досега не е покрената кривична постапка. Ханс Дитер Вагнер, шеф на полицијата во Еслинген, потврди дека сторителот загинал од истрел од сопственото оружје, односно дека се самоубил.

„Зошто?“

Deutschland Amoklauf Winnenden Politzist vor Schule
Знамињата пред училиштето во Виненден на половина копјеФотографија: AP

Уште приквечерина во училишниот двор се собраа граѓани на Виненден, донесоа цвеќе, керамички фигури и други предмети, со кои сакаа да ја изразат длабоката тага и шокираност од неразбирливиот чин. На еден картон напишана пораката: „Зошто? Како? Тие не добија шанса да си го живеат животот“. Вечерта се одржа и богослужба во локалната црква, на која присуствуваа повеќе од 1.000 верници.

Премиерот на покраинската влада за Баден-Виртемберг, Гинтер Етингер, прогласи ден на жалост и нареди знамињата да висат на пола копје: „Баден-Виртемберг е длабоко погоден од страшниот чин, што никој не може да си го објасни. Соочени сме со масакр во Виненден и Вендлинген, што доби размери непознати за нашата покраина. Тој може да се спореди само со оној од Ерфурт пред седум години“, нагласи премиерот на покраинската влада Етинген и најави голема комеморативна свеченост за наредната недела, на која ќе присуствува и претседателот на државата, Хорст Келер.

Келер веќе им изрази сочувство на сите засегнати, а со минута молчење почит на жртвите им одадоа и пратениците на Европскиот парламент. Од име на германската влада, канцеларката Ангела Меркел порача:„Ова е ден на жалост за цела Германија. Нашите мисли се кај семејствата и најблиските на жртвите. Мислиме на нив и се молиме за нив.“