Надминат спорот за транзитот на гас меѓу Русија и Украина
20 декември 2019Русија и Украина постигнаа начелен договор за транзит на природен гас од Русија преку Украина кон другите европски земји. Двете страни со месеци преговараа бидејќи сегашниот договор за тоа истекува на 31 декември. „Постигнат е начелен договор кој двете страни треба да го разгледаат во своите главни градови“ - Москва и Киев, изјави претставникот на Европската комисија, Марош Шефчович, во Берлин по тројните преговори меѓу Русија, Украина и Европска Унија. Засега деталите од договорот не се познати.
Рускиот министер за енергетика Александар Новак ги оцени преговорите како „многу продуктивни“ и рече оти „многу скоро“ ќе бидат конкретизирани. Поради повеќегодишниот конфликт меѓу Русија и Украина околу гасот пред десетина години, земјите од ЕУ, загрижени за снабдувањето со гас, постојано ги надополнуваа резервите за да нема недостиг во случај на повторен прекин на испораката на гас.
Преговори во танзична атмосфера
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека верува оти договорот ќе биде постигнат: „Ќе се потрудиме да се осигураме украинската страна да биде задоволна и нашите европски потрошувачи да бидат безбедни“, изјави тој на својата годишна конференција за новинарите.
Руско-украинските односи значително се влошија од 2014 година, по руското припојување на Крим и од почетокот на вооружениот конфликт на истокот на Украина. Оваа затегната атмосфера влијаеше и на преговорите меѓу рускиот „Гаспром“ и украинскиот „Нафтогас“.
Повеќе на темата:
-Северен тек 2: Што носат новите американски санкции?
-Постојано кршење копја за Северен тек 2
-Северен тек 2: Сѐ посилни главоболки за Германија
Договорот кој наскоро истекува, потпишан е по претходната криза со гас која ги собори испораките до европските земји на почетокот на 2010 година. Иако Европа и натаму многу зависи од рускиот гас, кој покрива 35 отсто од нејзините потреби, сега е многу помалку зависна од транзитот преку Украина, кој е намален за 40 насто во последните 15 години, по двата руско-украински конфликти околу гасот (2006 и 2019 година).
Русија и некои други европски земји на чело со Германија изградија гасоводи со кои се заобиколува Украина. Во септември 2011 година започна изградбата на Северен тек 2 со кој, на дното на Балтичкото море, се спојуваат руските гасни полиња со брегот на Германија. Тој треба да биде отворен на почетокот на 2020 година. Руските проблеми со транзитот на гас започнаа уште пред распаѓањето на Советскиот Сојуз, кога Русија го користеше „вентилот за гас“ како „оружје“ против Киев, запирајќи го снабдувањето во есента или зимата во 1992, 1993, 1994 година.