Надежи за умерена левица во Грција
16 декември 2014Со тоа можноста за левичарска влада во Грција изгледа поверојатна од кога и да е. Левичарската опозиција под водство на Алексис Ципрас, во сите истражувања на јавното мислење има предност од најмалку три процента пред конзервативната владејачка партија „Неа Демократија“ на премиерот Самарас. Иако не е исклучено дека Самарас ќе го обезбеди потребното мнозинство во парламентот за да го донесе на претседателската функција, својот кандидат, поранешниот еврокомесар Ставрос Димас, сепак во моментов малкумина веруваат во тоа. Имено потребни би биле 200 од вкупно 300 пратенички гласови во првиот или во вториот круг на изборите, или најмалку 180 во третиот круг, кој најверојатно ќе се одржи на 29 декември. Владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите под раководство на Самарас, која раководи со Грција од 2012 година меѓутоа располага само со 154 пратеници во парламентот.
Изненадувачка одлука за предвремени претседателски избори
Одлуката на грчкиот премиер, за предвремено одржување на претседателските избори кои инаку требаше да се одржат дури во 2016 година е навистина изненадувачка, смета политикологот Хајнц-Јирген Акст. потпретседател на Друштвото за Југоисточна Европа. Според него Самарас оди на ризик со кој се надева дека ќе делува ослободувачки за него и неговата влада.
И Лазарос Милиопулос, политиколог на Универзитетот во Бон смета дека Самарас има намера сѐ да стави на една карта: „ Актуелната ситуација можам да си ја објаснам само на следниов начин: На преговорите со меѓународната Тројка доверители, на ред се навистина одлучувачки структурни реформи и Самарас во вакви услови си посакува јасен мандат од населението“, вели Милиопулос. Притоа премиерот свесно ја прифаќа опасноста да доживее изборен пораз и со тоа да ѝ ја предаде одговорноста на левичарската партија за натамошните преговори со Тројката.
Пред една недела министрите за финансии на еврозоната одлучија програмата за помош на Грција да ја продолжат за уште два месеца. Со оглед дека оценката на Тројката за реформите во Грција нема да биде донесена како што првобитно беше планирано до крајот на годинава, земјата засега нема да ја добие последната транша во висина од 1,8 милијарди евра од тековната спасувачка програма. најдоцна во февруари доверителите повторно ќе се јават во Грција и можно е притоа да мора да продолжат преговараат со левичарска влада. Ставот на актуелната опозиција меѓутоа воопшто не звучи пријателски за Тројката. Левичарскиот сојуз Сириза имено, како што вели, има намера да ги откаже тековните договори со партнерите во ЕУ, како и приватизацијата, кратењата на платите и останатите мерки за штедење.
Повремени умерени тонови кај левичарскиот сојуз Сириза
При сето вербално искажано негодување, меѓутоа во моментов и натаму останува отворено дали до тоа навистина ќе дојде, смета Лазарос Милиопулос. Веќе подолго време, имено видлива е промена во реториката на Сириза и обиди преку мрежи и контакти да се постигне нешто како „подготовка за одговорна влада“, вели бонскиот политиколог. Ова влада би можела да ги оствари обврските кои ги има преземено Грција. Во ваквата варијанта всушност своите надежи ги полага и Тројката. „Меѓутоа не може ни да се исклучи дека левичарскиот сојуз Сириза ќе остане на своите максималистички позиции“, објаснува Милиопулос.
За потребите на изборната кампања Алексис Ципрас, шефот на левичарската опозиција, посега по тешко оружје: „Ние ќе свириме а Тројката потоа ќе игра според наш такт“, порача тој неодамна пред приврзениците на островот Крит. Доколку партнерите од еврозоната се соочат со политичар кој воопшто нема волја да ги сфати нивните грижи, тогаш нема да може ни да се исклучи враќање на деатата за можно излегување на Грција од еврозоната, истакнува Хајнц-Јирген Акст.
„ Но ако конечно направам биланс, сепак верувам дека евро-партнерите ќе сторат сѐ за да го придобијат Ципрас и да преговараат со него“. Во тој случај, меѓутоа, и Ципрас ќе мора да им објасни на своите приврзеници, дека им ветил повеќе отколку што можел да оствари.