Навреда за кралицата – Владата на Борис Џонсон се извини
14 јануари 2022„Крајно е жалосно што ова се случи во моменти на национална тага“, изјави портпаролот на британскиот премиер денеска во Лондон.
Како што извести „Телеграф“, околу 30 владини соработници на 16 април 2021 година пиеле и танцувале до длабоко во ноќта во седиштето на британската влада, во време кога во сила беа најстроги правила за држење дистанца поради пандемијата на коронавирус. Дури од блискиот супермаркет прикупиле алкохол.
Поради важечката регулатива, британската кралица Елизабета Втора следниот ден мораше да седи сосем сама во капелата на нејзината резиденција во Виндзор, кога таму беше погребан нејзиниот сопруг, принцот Филип, со кого таа помина 73 години во брак.
Борис Џонсон не учествувал на оваа забав и не бил присутен во владината резиденција во тоа време. Принцот Филип почина на 9 април на возраст од 99 години, а на 17 април, на денот на погребот, во земјата владееше национална жалост.
Премиерот Џонсон оваа недела еднаш веќе мораше да се извинува, за забава на која и самиот присуствувал на 20 мај 2020 година, во време на најстрог карантин, „покајнички“ истакнувајќи дека односот во владината резиденција мора да соодветствува на највисоките стандарди. Даунинг стрит ја презема одговорноста за „работи кои ние не ги направивме онака како што треба“, изјави Борис Џонсон завчера во британскиот парламент.
Поради редицата скандали, меѓу кои и за забави во владиното седиште за време на карантин, британскиот премиер во последните недели е под засилен притисок.
Кај политичките противници, но и во редовите на неговата партија, има сѐ помалку разбирање за неговото однесување, а сѐ погласни се повиците за поднесување оставка. Сопартијци на Џонсон, од страв дека гласачите поради неодговорниот однос на премиерот, можат да ја „казнат“ Конзервативната партија, веќе му откажуваат поддршка. На пример, конзервативниот пратеник Ендрју Бидџен, поранешен поддржувач на Џонсон, му порача: „Времето е зрело за напуштање на бината.“