Мој поглед на Европа: „Чувство дека си дома“
24 септември 2016Германија е длабоко поделена. Едни велат дека ние мора/треба да успееме. Други велат дека ние не сакаме/не можеме да успееме, дека се плашиме. Мене тоа со сета сила ме погоди пролетта 2015-та. Тоа беше неподнослива напрегнатост, обземеност која владееше со моето секојдневие, која ми го крадеше сонот. Притоа, ми беше познато, веќе имав искуство со големи падови, потреси и обиди за геноцид: Албанија 1990, 1997, Косово 1999.
Ова страшно чувство дека се урива поредокот, дека е загрозена егзистенцијата на твојот народ и твојата земја, одеднаш повторно се врати. И прво што ме изненади беше сознанието дека јас, доселена во 1994 година, во меѓувреме сум длабоко поврзана со својата нова земја. Сакав да плачам, чувствував болка и се плашев за луѓето во Германија и волшебните крајолици, зашто сметав дека се загрозени. Одеднаш сѐ некако се најде на диспозиција: нашата безбедност, нашата благосостојба, па дури и нашата култура. Што се случува по ѓаволите? Нашата некогаш стабилна куќа како да сака да се распадне, да биде однесена од водата! Каде има некоја дупка за да се скријам?
На други места во истовреме се славеше, се зборуваше за сјајна иднина, за епохални промени кои ѝ претстојат на земјата, кои таа треба да ги прифати со полно срце, наместо тврдоглаво да се спротивставува. На небото како светлечко виножито се проектираше визија за братски, праведен, слободарски свет. Колку благородно, далекугледо и фер! Само да не беа непријатните расипувачи на играта кои создаваат нервоза!
Митови и историја
Но, зошто завршив на страната на скептиците? Зарем оваа гала-прослава на добредојде за туѓото и новото не треба да ја сметам за супер? Јас, која овде наидов на отворени раце, кои ме држат цврсто до денес?
Ако толку ужасно страдам, тогаш барем да не бидам слепа, си мислев. Но, каде ќе најдам одговори кои ми требаат итно? Во хистеричните медиуми? Или мора да посегнам по митовите, по прасликите кои се во основа на сите човечки постапки? Зашто толку беше јасно: она што овде го доживуваме нема никаква врска со одделни личности и настани, тоа е колективна криза на убедувања. И таа не е само германска, таа е европска.
Европската идеја почива на визијата за обединување која се зацврсти на западот на континентот по Втората светска војна. Таа со децении беше многу успешна и зад нејзе, по крајот на Студената војна, застанаа најголемиот дел Европејци, вклучувајќи ме и мене.
Јас сум израсната на истокот на Европа. Таму имаше визија, Интернационалата, а таа одеше вака: Стројот стар се урива, паѓа!... Се менува цел свет од темел, кој беше ништо, тој ќе е сѐ... Исходот е познат: извонредната идеја за праведност уништи милиони човечки животи и руинираше цели економии пред да заврши на ѓубриштето на историјата.
Има една уверлива причина зошто визијата на Западот победи над визијата на Истокот: таа беше многу подобро втемелена во реалноста. За разлика од социјалистичкиот проект, која по секоја цена сакаше да создаде „нов човек“, западната визија почиваше врз уверувањето дека материјалниот свет и човечката природа не се идеални и се ранливи, дека преговорите и компромисот се основните столбови на едно општество на благосостојба. Таа во себе имаше доволно од она што еуфемистички се нарекува „здрав човечки разум“.
Сѐ додека не дојде кризата и не ја подели Европа. И додека не ме збуни комплетно. Не ѝ верував на таа сентименталност која одеднаш можеше да се види во Германија, на тоа претерано морално, претерано позитивно расположение. Таа ме потсетува на патосот на мајските паради, на стоечките овации во конгресните палати и конечно на катастрофите кои погодија повеќе членови од мојата фамилија. Не, тоа не е мудро, а никако не е атмосфера на сочувство. Таа е апстрактна, теоретска и ги надминува границите на човечките потреби, искуства и чувства. Кој тоа го почувствувал на своја кожа, тој предупредува гласно на опасноста од такво нешто.
Очигледно, нашата европска визија превиде една граница. Нејзиниот прометејски дух сакаше да достигне универзална важност. На извесен начин, политичка Европа сакаше да изигрува Господ. Тоа во митологијата се нарекува хибрис (арогантност, н.з.) А за хибрис следува најголемата казна, најстрашниот бес на боговите. Сите ние во последната година искусивме дел од тоа.
Перспективи и соништа
Оттогаш во земјата се размислува длабоко, се пишува, дебатира, страда и се водат кавги. Јас лично се борам за мудрата визија на Западот која ја познавав и на која треба да ѝ заблагодарам за најскапоцената животна лекција: понизноста пред тешката работа, напорниот пат до сознанието. Се борам за тоа таа да се врати кон испробаните средства, структурите од доверба и континуитетот, со земање предвид на традицијата и татковинското чувство на луѓето во земјата. Ова интензивно соочување со аргументите „за“ и „против“ за мене беше единствениот пат да се намали притисокот на страдањето.
И, навистина донесе нешто. Од пред извесно време повторно спијам подобро. се приближуваме, расте можноста за заедничко разбирање. А, во мене расте надежта дека големата казна сепак нема да дојде.
А во Европа? И таму нешто се случува. Тврдите фронтови полека омекнуваат. А, кога Европа ќе стане посвитлива, нема веќе да се скрши. Неодамна, пред зори сонував дека ја гушкам цела Европа. Тоа ми се случи првпат. А, малечката земја на Западниот Балкан, каде што сум родена, беше исто така вклучена. Тоа беше едно топло, среќно чувство на „дома“. Беше нејасно и кусо, но се разбудив и го стискав цврсто со двете раце.
Анила Вилмс е албанска писателка која од 1994 година живее во Берлин. Во 2012 година се појави нејзиниот прв роман „Албанска нафта или убиство на северниот пат“.