1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молкот поопасен од вистината за Смилковско езеро

Катерина Блажевска12 април 2017

Нервозата повеќе расте ако се одолговлекува објавувањето на „бомбата“ за „Монструм“. Ако се објави, на некој начин напрегнатоста ќе се „извентилира“, сметаат млади во албанската етничка заедница.

https://p.dw.com/p/1FXVa
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најверојатно, погрешно сум бил интерпретиран. Вака лидерот на СДСМ ја образложи неговата децидна изјава во интервјуто за германскиот весник „Ди Цајт“, дека седум етнички Албанци кои се осудени за случајот „Смилковско езеро“ невини лежат во затвор, која вчера предизвика бура во македонската јавност.

„Најверојатно е грешка во интерпретацијата на самиот новинар. Но сепак, големи сомневања се врзани за овој случај. Тоа го објаснувам јас во самото интервју и секако со обелоденувањето на вистината за 'Смилковско езеро' или на процесот 'Монструм' како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе се обелодени болна вистина. Сомневањата се големи. Нашата намера не е да ставаме квалификации, но секако штом ќе ја обелодениме вистината, граѓаните ќе знаат што во суштина покажува таа. Дека постојат големи сомневања за тоа што се случило со случајот 'Монструм'“, изјави лидерот на СДСМ.

Не само роднините на осудените Албанци, туку целата албанска заедница четири месеци со нетрпение ја очекуваше „бомбата“ за случајот „Монструм“ кој тие во старт го оквалификуваа како „политички монтиран процес“. Досега не ја дочекаа. „Бомбата“ беше очекувана за презентација непосредно пред големиот антивладин протест на 17 мај, но беше одложена поради настаните во Куманово на 9 мај и поради „сензитивноста на состојбата“, како што рече Заев.

Меч со две острици

Skopje Mazedonien Straßenschlachten 04.07.2014
Протести против пресудата за Смилковско езеро во Скопје, 4 јули 2014Фотографија: Petr Stojanoski

Последното интервју на лидерот на СДСМ за германскиот весник ги подигна очекувањата за можен пресврт во тој случај и за ревизија на пресудата, но го зголеми и незадоволство што ваквите тврдења доаѓаат „на лажичка, во мали дози“ и само „од надвор“. Во чајџилниците и кафулињата во старата скопска чаршија, вчера ова беше главна тема за разговор. Најголеми несогласувања има за тврдењето на Заев каде тој изразува загриженост од можните импликации од објавувањето на сознанијата за „Монструм“.

„Ме загрижува дека еден дел од албанската заедница ќе стане насилен кога тоа ќе се објави. Може да има и мртви. Затоа водиме интензивни разговори со албанската заедница за да се спречи такво нешто. Со вистината мораме да бидеме претпазливи, како ќе одиме... Јас сум многу активен на социјалните мрежи. И читам постојано и повторно пораки од луѓе кои пишуваат: 'Ние ќе одиме во затворот, ќе ги ослободиме невините, а потоа ќе одиме директно во канцеларијата на премиерот да му покажеме'. А, тоа може да доведе до проблеми“, вели Заев во интервјуто.

Масовните протести на Албанците против судската пресуда за „Монструм“ лани во јули прераснаа во насилство по улиците на Скопје, при што дојде до судир меѓу демонстрантите и припадниците на специјалната полиција, која употреби солзавец и шок бомби во обид да ги смири немирите.

Во партиите од албанскиот блок денес не сакаат да ја коментираат изјавата на Заев дека „се водат интензивни разговори со албанската заедница, за да се најде начин да се спречи таква реакција“. Ниту потврдуваат дали учествувале во разговори на таа тема. Неофицијално, велат дека такви сугестии за внимателност доаѓаат од западни амбасади и од меѓународни организации, кои и пред изрекувањето на пресудите за „Монструм“ предупредуваа на можни тензии.
Албанци со кои вчера разговаравме не се согласуваат со објаснувањето на Заев за одложувањето на „вистината за 'Монструм'“.

„Мора да има доследност. Ако е одложено објавувањето на снимките, тогаш и Заев не треба да дава интервјуа на таа тема. Поопасно е ако не се објават, ако се тактизира или ако се одолговлекува. Така нервозата повеќе ќе расте. Ако се објават снимките, на некој начин напрегнатоста ќе се 'извентилира', бидејќи граѓаните ќе почувствуваат дека е испочитуван нивниот интерес и правото да знаат. Но, сигурно е дека ќе се бараат санкции ако се покаже дека полицијата, судот или некој друг не работел како што треба“, вели Арбен А. (24), постдипломец на политички науки.

На прашањето - што ако и аудио-снимките не дадат јасна слика за настаните, туку уште повеќе внесат конфузија, тој и неговите пријатели се децидни: „Тоа нема да биде добро за никого. Ни за сите што ја очекуваат најавената 'вистина', уште помалку за тој што ја вети. Ако ги подигнете очекувањата дека нешто ќе фрли нова светлина на настаните, а после не излезе ништо од тоа, ќе биде изгубена довербата во дадениот збор“.

Mazedonien Zoran Zaev
Зоран ЗаевФотографија: DW/K. Blazevska

Многу шпекулации

Голема неизвесност владее и во семејствата на загинатите Борче Стевковски, Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски, чии безживотни тела на 12 април 2012 беа пронајдени покрај Смилковско езеро. Очекуваат Заев да ги соопшти сознанијата за случајот, како што им ветил на средба пред неколку месеци.

„Можеби многу нешта ќе се разјаснат, но, за жал, ни тоа нема да ги врати нашите деца“, вели роднина на едно од убиените момчиња.

Она што повеќе го вознемирува се бројните шпекулации кои се шират низ градот.

„Пред некој ден чекав ред пред шалтер, а двајца средовечни луѓе зад мене, разговараа што слушнале дека ќе открие 'бомбата' за Смилковско езеро. Тие не знаеја дека пред нив стои роднина на едно од убиените деца. Спомнаа и многу познати имиња и неверојатни мотиви. Не знам дали чаршијата сама си плете приказни, но секоја реченица боли. Не можев да слушам, се тргнав од редот. Додека официјално не бидат презентирани податоци, се е неизвесност, психичко измачување и голем стрес“, вели тој.

Дел од експертската јавност, пак, се сомнева дека СДСМ ќе има можност да ги објави сите „бомби“. Во понеделник во Скопје доаѓа еврокомесарот Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, за да ја продолжат медијацијата меѓу партиите за надминување на политичката криза. Доколку разговорите се помрднат од „мртва точка“ и се утврди некаква рамка за почеток на дијалог, можно е од опозицијата да биде побаран мораториум врз „бомбите“ за да се релаксира атмосферата за преговори. Според нашите соговорници, тоа не е пречка сознанијата за случајот „Монструм“ опозицијата да ги достави до Обвинителството, како што тоа го направи и за други случаи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема