1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моделот Нетанјаху има ограничен рок на траење

Петер Филип
31 мај 2019

Во Израел ќе се одржат нови избори. Нетанјаху за тоа го обвинува политичкиот противник Либерман, а всушност следи сопствени интереси. Коментар на Петер Филип.

https://p.dw.com/p/3JVD0
Israel Ministerpräsident Benjamin Netanjah in Jerusalem
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Tibbon

Од славјето во неговиот победнички говор по изборите во април овојпат на израелскиот премиер не му остана апсолутно ништо. Речиси шест недели потоа Бенјамин Нетанјау, барем индиректно, мора да признае дека не му успеа да состави функционална коалиција. Но, наместо сега да му го врати мандатот за составување влада на претседателот Ривлин, итриот „Биби“ (како што го нарекуваат) постави основи за да ја преживее и оваа криза: по итна постапка мнозинството пратеници во Кнесетот гласаа за распуштање на парламентот и за одржување нови избори на 17 септември.

Овие втори избори за само шест месеци се расфрлање на милиони евра, критикуваше Нетанјаху и со тоа повторно се вклучи во предизборен модус. Затоа што тој одамна го имаше посочено виновникот. Според Нетанјаху, Авигдор Либерман, лидер на „Нашата куќа Израел“, која се состои главно од руски доселеници, го спречил составувањето влада.

Искараниот (Либерман, н.з.) со своите петмина пратеници беше клучниот играч кој на „Биби“ му беше потребен за мнозинство од над 61 мандат. Се разбира, Либерман е свесен за тоа и соодветен на тоа беше и неговиот настап: тој побара носење на закони кои беа оставени настрана, а според кои ортодоксните Евреи, сега ослободени од воена обврска, во иднина треба исто така да служат војска. Ако се согласеше со такво нешто, Нетанјаху ќе го налутеше својот ортодоксен коалициски партнер и ќе го принудеше на повлекување. Без коалицискиот партнер тој ќе немаше мнозинство, исто како што го нема и без Либерман.

Peter Philipp Kommentarbild PROVISORISCH
Петер ФилипФотографија: DW

Темата „ортдоксни и војска“ во Израел е постојано контроверзна тема, но световните партии секогаш стравуваа од носење јасни и клучни одлуки, зашто со изборен праг од само 3,25% религиските и ортодоксните партии секогаш влегуваат во парламентот и досега секогаш учествуваа во владите.

Наместо отворено да зборува за овие работи, Нетанјаху сега го обвинува Либерман дека е „левичар“ и дека нема што бара во неговата влада. Освен што ваквото тврдење е погрешно, со него би требало и да се сокрие дека Нетанјаху и овојпат во преден план ги става сопствените интереси: тој се надеваше дека коалицијата, која сега сепак не успеа да ја состави, ќе може да ја употреби за носење закон со кој премиерите кои се на функција треба да бидат заштитени од судско гонење.

На пример, тој лично, зашто против него одамна се водат истраги за корупција и слични деликти. Обвинителството уште пред изборите соопшти дека е можно покренување обвинение, кое би зависело од сослушувањето на Нетанјаху кое е закажано за почетокот на октомври.

Ако сега му успееше да состави влада, Нетанјаху во наредните емсеци ќе можеше да изгради правна заштита која ќе го поштедеше од судска постапка. Тоа би требало да биде и објаснувањето зошто Нетанјаху сега притискаше за одржување нови избори, наместо да го врати мандатот за составување влада. Сега е на чело на преодна влада од која никој не може да се повлече или да биде отпуштен. Но, истовремено, ваква влада не е во состојба да му ја создаде на премиерот заштитата од правдата на која тој се надева.

Оттука, не е чудо што „Биби“ не може вистински да им се израдува на стратешко-тактичките успеси од последните денови. И тој веројатно претчувствува дека „моделот за успе Нетанјаху“ остаре и дека ќе има ограничен рок на траење.