1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МНР: Самарас ја префрла вината на ЕУ

АТ/ макфакс/ миа18 јули 2013

Македонското МНР оценува дека грчкиот премиер вината за блoкадата на евроинтеграциите на земјата ја префрла на ЕУ. Министерот за евроинтеграции потенцира дека членството во ЕУ останува стратешка определба на Македонија.

https://p.dw.com/p/19APj
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Грчкиот премиер Андонис Самарас не покажува расположение за фокусиран и интензивен дијалог за надминувањето на спорот во рамките на процесот дефиниран во ОН, а вината за блокирањето на Македонија ја префрла на сметка на Европската унија, се вели во реакцијата на македонското Министерството за надворешни работи, по вчерашниот одговор на Самарас до македонскиот колега Груевски.

„Ние сме целосно насочени кон надминување на сите можни несогласувања, вклучително и овој вештачки наметнат спор. Токму затоа и поведовме иницијатива за дијалог на највисоко ниво и желба за решавање на проблемите. Тоа подразбира целосна посветеност и желба за евроинтеграција на регионот. Самарас на ваков начин не потврдува дека тоа истото го посакува. Претпочита да нема фокусирање врз потребата од напредок и позитивно придвижување во процесот. Сметаме дека сега е потребна поголема посветеност и однос кој ги зближува нашите земји и го интегрира регионот во обединета Европа. Во овој правец уште повеќе ќе ги засилиме нашите заложби“, истакнуваат од МНР.

Членството во ЕУ останува стратешка определба

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, пак, денеска потенцираше дека членството во Европската унија останува една од стратешките определби на Македонија, а за ова мора да се надминат сите предизвици, вклучувајќи го и спорот за името, оцени Бесими.

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир БесимиФотографија: M.I.

„Интерес на Македонија е да биде членка на ЕУ, но истовремено ова е интерес и за Унијата и за Грција. Треба да вложиме напори за да ги надминеме сите предизвици и што поскоро Македонија да стане членка на ЕУ, бидејќи ова меѓу другото е и концепт што вклучува проширување, а истото не е завршено за Западен Балкан“, заклучи Бесими.

Грчкиот премиер Андонис Самарас ги одби македонските напори за понатамошни средби, тврдејќи дека нема потреба од истите, бидејќи Грција не е таа која го блокира добивањето на датум за преговори со ЕУ, туку дека самата Унија е онаа која што е одговорна за блокадата.