1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турското општество бавно се враќа во нормала

Катерина Блажевска19 јули 2016

Прогресивните млади поддржуваат промена на власта, но не на начин на кој војската се обиде да го направи тоа, вели Соња Стојадиновиќ, активист на „Солидарност“, која беше во Истанбул на денот на обидот за државен удар.

https://p.dw.com/p/1JRFh
Фотографија: DW/D. Cupolo

По шокот кој минатата недела ја потресе Турција, турското општество многу бавно се враќа во нормала, вели македонката Соња Стојадиновиќ, магистер по меѓународна политика и активист на левичарско движење „Солидарност“, која во минатиот петок пристигнала во Истанбул на собир на левичарски организации. Ниту таа, ниту нејзините колеги од левичарски организации од Русија, САД, Србија, Црна Гора и Грузија, не можеле да претпостават како ќе заврши мирниот и вообичаен јулски ден. Неколку часа пред обидот за државен удар, сликите низ улиците на Истанбул воопшто не навестувале дека нешто „крупно“ ќе се случува.

„Граѓаните на Истанбул си ги извршуваа вообичаените работни обврски, криејќи се од горештините кои тој ден беа пеколни, а реки од туристи ги посетуваа градските знаменитости. Градот со 14 милиони жители, кој дотогаш пулсираше со вообичаената динамика и џагор, вечерта околу 22 часот изненадувачки за сите беше потресен од звуци од пукотници и ниски прелети на хеликоптери и авиони“, раскажува Стојадиновиќ.

Türkei Istanbul Putschversuch
Фотографија: DW/K. Blazevska

Избран погрешен нечин

Таа не го прекинала престојот во Истанбул поради овие настани. Атмосферата во градот на Босфорот неколку дена подоцна ја опишува како „навидум вообичаена“.

„Преку ден е мирно, а навечер на плоштадот Таксим има големи собири за поддршка на власта. Продавниците и кафулињата работат нормално, и натаму има многу туристи. Единственото нешто што укажува дека овде нешто се случило, се огромниот број државни знамиња истакнати на разни објекти, како и свирењето од траектите, бродовите и возилата, во знак на поддршка на власта. Мнозинството граѓани го поддржуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неговите преземени чекори за зачувување на демократијата, на начин на кој тој ја перцепира. Младите не го одобруваат обидот за државен удар, ниту пак се задоволни од генералната состојба во државата. Прогресивните млади, најголемиот дел студенти, велат дека поддржуваат промена на власта, но не на начин на кој војската се обиде да го направи тоа“, ги споделува впечатоците Стојадиновиќ.

Türkei Istanbul Putschversuch Mustafa Okay
Студентот Мустафа ОкајФотографија: DW/K. Blazevska

Тоа го потврдува Мустафа Окај, студент на социологија на истанбулскиот Универзитет Богазичи.

„Првата вечер, кога се случи обидот за воен преврат мојот татко излезе на улица за поддршка на Ердоган. Кога се врати дома изгледаше како подмладен и весел, убеден дека учествувал во спасување на земјата и демократијата. Иако Турција има историја на воени удари, од кои последниот се случи во 1980 година, младите и прогресивни Турци сметаат дека општеството е многу напреднато и дека насилство од тој вид не е потребно за да се смени власта“, смета Окај.

Списоци за етикетирање

Приказната има и друга страна, но за неа Турците не зборуваат јавно. Повеќе во затворени кругови, поради стравувања дека ваквите настани ќе ја зголемат репресијата врз оние кои не се согласуваат со политиката на турскиот претседател.

„Пропагандната машинерија на Ердоган во поглед на оцрнување на сите кои не мислат како него, се покажа успешна во деновите по обидот за државен удар. Младите зедоа голем удел во изразување на отпор кон секој кој и малку се противи кон АКП и Ердоган, иако во јавноста има сомневања дека обидот за удар е негова идеја заради спроведување на масовни апсења. Левичарите и прогресивните Турци, посебно граѓанските активисти, знаат дека постојат списоци на многу луѓе кои се етикетирани како државни непријатели и кои би биле уапсени дури и превентивно, без никаков прекршок или обвинение“, вели Стојадиновиќ.

Türkei Aufständischer Soldaten werden vor Gericht in Mugla gebracht
Фотографија: picture-alliance/abaca/T. Adanali

Државниот удар е спречен, но според неа, впечатокот е дека земјата останува уште подлабоко поделена. На една страна се оние кои ја ценат секуларната и модернистичка визија што ја имаше за современа Турција нејзиниот основач Кемал Ататурк, а на другата поддржувачите на Ердоган и неговата АК-партија. Неговите опоненти сметаат дека зад параванот на демократски освоената власт се приграбува целата држава и економија, се кршат човекови права, се спроведува пресметка со неистомислениците, што стана уште поевидентно со тековните масовни апсења, експресни разрешувања или отпуштања на полицајци, судии, воени лица, а особено со предлогот за повторно воведување на смртната казна. Актуелните настани и нивното влијание на натамошните поделби на социјалните стратуми, еден ден ќе се изучуваат и на студиите по историја и социологија. Студентот Окај се надева дека дотогаш и обидите за државен преврат ќе станат историја.