1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мијалков во судница ги оживеа „жолтите комбиња“

ДТЗ /ДВ
18 јануари 2021

Ексшефот на тајната полиција тврди дека не прислушувал, а поранешната прва полицајка потпишала, но не знаела дека ќе се уништува опремата за прислушување.

https://p.dw.com/p/3o5ls
Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, тврди дека не е вмешан во аферата со прислушување и уништување на опремата за следење на комуникациите, којашто од 2015 година ја бранува јавноста. На судското рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ тој простор за вина гледа само во однос на несовесното работење. Што се однесува до прислушувањето, пред присутните во судницата ја оживеа приказната за „жолтото комбе“. Вели дека во земјава имало други системи за прислушување, кои не се во сопственост на МВР. За тоа дознале во 2014 година кога израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија, па, кога ја вклучиле, детектирале дека има уште три други системи.

-повеќе на темата: Жолтото комбе го доведе Мијалков на суд

Претходно сведочеше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е обвинета во делот за уништување на опремата. Таа тврдеше дека не знаела дека во земјата нелегално се прислушува - тоа го дознала од  СЈО, кога започнал да се истражува случајот. Поранешната прва полицајка вели дека потпишала да се формира Комисија, ама не знаела дека ќе бидат уништени системите за снимање. Одговорноста ја префрли кај членовите на Комисијата. Судскиот процес предизвикува голем интерес во јавноста, особено поради фактот што во мрежата на прислушувањето се проценува дека биле опфатени околу 20 илјади граѓани.

Мијалков тврди дека не прислушувал 

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ги отфрли тврдењата во обвинението дека ја формирал групата која го спровела незаконското прислушување. Сведочеше дека  не познавал голем дел од обвинетите лица вработени во УБК, во службата каде што беше директор повеќе години. Тврди дека ниту имал техничка можност, ниту наредил некому да прислушува. „Сакам да потенцирам и со највисок степен на одговорност да потврдам недвосмислено и категорично дека никогаш никому на никаков начин, ниту писмено ниту усно, сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на каква било комуникација, за што во текот на цела оваа постапка не видовме ниту еден материјален и вербален доказ“, рече Мијалков. Вели дека не го користел службениот компјутер, ниту пак, дал наредби кои броеви да се слушаат. Отфрла одговорност и за уништувањето на два системи за следење на комуникациите. 
„Во принцип, познавајќи се себеси и својот карактер, немам интерес да следам чија било комуникација. А и не сум човек кој во своето секојдневие функционира користејќи компјутер. Она што го користам на дневна основа е телефонот, следење на интернет, мејл… Во текот на моето скоро деветгодишно раководење со УБК, можеби само неколкупати сум го вклучил компјутерот кој беше во мојата канцеларија“, рече Мијалков.

-повеќе на темата: Само Господ ли знае за Таргет-Тврдина?

Присетувајќи се на ситуација од 2014 година, кога израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија, тој рече дека биле детектирани уште три други системи.„Со оглед на тоа што таа опрема има и таква компонента, ни потврдија дека во истиот тој момент работат други три системи за кои мислеа дека се тактичка опрема на УБК и со тоа сакавме да провериме дали нивната опрема ќе ги детектира. За жал, тоа не беа системи на УБК. Преку овој настан сакам да го потврдам дека моите сознанија се дека е можно преку опрема која не е на МВР да била следена комуникацијата“, рече Мијалков.
Ваквото тврдење е на иста линија со изјавите на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, кој прв го спомна „жолтото комбе“, кое наводно било користено за потребите на странските служби, на прес-конференција одржана на 31 јануари 2015 година. „Откако Заев почна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема утврди дека повремено на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање телефонски разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а функционира по принцип на клонирање на базни станици. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу два километра, но, главно, се одвивала низ центарот на Скопје, околу државните институции“, обвини тогаш Груевски.
Освен за прислушувањето, Мијалков се товари и за уништувањето на опрема за прислушување, со што биле уништени и докази. Тој рече дека ако навистина се следело незаконски, уништувањето на еден од системите немало да им помогне да ги откријат доказите. Вели дека системот кој бил уништен не бил во целосна функционалност, а Комисијата ги уништила врз основа на стручни анализи. Тој се согласи со обвинителката Ленче Ристоска, дека доколку имало пропусти во работата на УБК, директорот има одговорност. Но, во конкретниот случај тој вината ја гледа во несовесното работење, а не за делата за кои е обвинет, а тоа се злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластувања и за примање награда за противзаконито влијание.

Јанкулоска тврди дека рутински потпишала

Претходно сведочеше и обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е обвинета во делот за уништување на опремата. Таа пред присутните во судницата рече дека не знаела дека во земјава нелегално се прислушува, а за тоа  дознала од Специјалното јавно обвинителство, кое што го истражувало случајот. Јанкулоска објаснува дека рутински потпишала да се формира Комисија за да се уништи опремата за снимање, но не знаела која е целта на нејзиното дејствување. Прстот за одговорноста го впери кон членовите на Комисијата. „Како сосема рутинска работа решението кај мене било проследено на потпис без никакви забелешки, укажувања, уредно парафирано дека е целосно усогласено со она што го бара УБК и било потпишано“, рече Јанкулоска. 

Gordana Jankuloska
Гордана Јанкулоска е обвинета во делот за уништување на опрематаФотографија: MIA

Од оваа перспектива, вели таа, гледајќи ги писмените документи, без да се имаат предвид изјавите на сведоците, невозможно е да се препознае за што точно станува збор во таа постапка каде што била уништена опремата. Таа го потпишала таквото решение на 13 мај 2015 година, а извештај од работата на комисијата која ја уништила опремата добила на 8 мај 2015, односно ден пред настаните во Диво Насеље и пет дена пред да поднесе оставка и да биде разрешена од Собранието.

-повеќе на темата: СЈО не е тајно следено: Кој манипулира со „Чарлиевите ангели“?

Покрај Мијалков и Јанкулоска, во случајот се обвинети и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви без судска наредба. Со прислушувањето се смета дека биле опфатени 20 илјади граѓани. 

СЈО преслушува 606.555 аудио фајлови