1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мини-сонда ќе бара вонземјани

Јудот Хартл / Е.М. Фиданоска13 април 2016

Амбициите на рускиот милијардер Јури Милнер да го унапреди истражувањето на вселената се навистина впечатливи. Тој сега има нов храбар проект.

https://p.dw.com/p/1IUPg
Фотографија: HO/AFP/Getty Images

Изгледа како комплетно „откачен“ потфат. Но, на големите визии и откритија главно им претходат луди идеи. Да се прескокнат границите, да се поместат хоризонтите - за тоа се потребни визионери, умни глави и на крајот на краиштата - и многу пари!

Јури Милнер има пари, заработени пред сѐ со интернет-инвестиции. Милнер го носи името по советскиот астронаут Јури Гагарин, првиот човек во вселената. Се чини како тоа да му дава печат.

Милнер постојано нагласува дека сака да ја сфати вселената, сака да знае дали некаде надвор од Земјата има живот. За своите проекти избира познати поддржувачи - генијалниот физичар Стивен Хокинг, поранешни научници во НАСА, основачот на Фејсбук Марк Закербег.

Најновиот проект на Милнер се вика „Breakthrough Starshot“. Прес-конференцијата од Њујорк беше пренесувана во живо. На подиумот седеау гледни научници. Се сакаше да се демонстрира дека целата работа не е виц, не е лудост, не е утопија.

Колку поштенска марка

Идејата на Милнер е минијатурна, колку поштенска марка голема ултралесна мини-сонда во наредните 20 години да се упати во нашиот соседен ѕвезден систем Алфа Центаури. „Ние, луѓето, неколку милениуми ги набљудуваме ѕвездите и се прашуваме како да стигнеме до нив“, рече Милнер. Сега се пружа можност.

Алфа Центаури е ѕвезден систем кој му е најблиску на нашиот, но сепак е оддалечен 4,34 светлосни години. Планираната мини-сонда, според Милнер, треба да достигне 20 проценти од брзината на светлината, што е околу 60.000 километри во секунда. Со тоа таа би била околу 1000 пати побрза од денешните вселенски бродови. Хокинг и Милнер мини-сондата ја нарекуваат „nanocraft“. Сѐ што е неопходно, како системи за комуникација, сензори и камери се во нејзе вградени во нано-големина.

Ако мини-сондата стигне во Алфа Центаури, таа ќе може да испраќа слики оттаму. Целта е да се открие дали во нашиот соседен ѕвезден систем евентуално има планета на која би бил можен живот. Хокинг смета дека живот надвор од Земјата е можен. Меѓутоа, тој на прес-конференцијата призна дека смета оти е многу мала веројатноста да биде најден живот во Алфа Центаури.

Мини-сондата ќе се движи и забрзува со помош на гигантски ласери, објасни Милнер, кој инаку студирал физика. Според него, за проектот кој можеби звучи како научна фантастика, веќе постои технологија, иако таа треба да се подобрува.