1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министрите на ЕУ ќе решаваат за преговори со С. Македонија

24 март 2020

Според медиуми кои имале увид во заклучоците, КОРЕПЕР препорачува дека „првата меѓувладина конференција би требало да се свика што е можно побрзо“.

https://p.dw.com/p/3ZwVX
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Министрите за надворешни работи на ЕУ се очекува денеска да ги одобрат заклучоците донесени на амбасадорско ниво (КОРЕПЕР), со кои е дадено зелено светло Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ ги усогласиле деталите околу препораката ЕУ да отвори преговори со двете земји, наводно без дополнителни услови за Македонија, но не и за Албанија, а според дипломати, таа разлика се должела на ставовите на земјите членки. Поради состојбата со коронавирусот, министрите нема да заседаваат во Брисел, а се очекува да се „состанат“ преку видео-конференциска врска.

Што е можно побрзо

Според агенцијата Ројтерс, но и домашни медиуми кои имале увид во заклучоците, КОРЕПЕР препорачува дека „првата меѓувладина конференција би требало да се свика што е можно побрзо“.

„Во светло на напредокот постигнат во реформите и исполнувањето на условите поставени од Советот во јуни 2018 година, со усвојување на препораките на Европскиот совет, Советот одлучи да отвори преговори со Северна Македонија.  Првата меѓувладина конференција би требало да се свика што е можно побрзо, откако Советот ќе ја усвои преговарачката рамка. Советот ја повикува Комисијата да продолжи да го мониторира напредокот и услогласувањето во сите области од условите идентификувани од Советот во јуни 2018 година“, се вели во заклучоците на КОРЕПЕР.

Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно треба да биде изготвена преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од страна на земјите членки.

Повеќе:

-По извештајот на ЕК: Берлин бара брз почеток на пристапните преговори на ЕУ со Скопје

-„Виртуелна“ средба на Димитров и Рот за реален почеток на преговори

-ЕК: Условите исполнети- преговорите можат да започнат

 

Според МИА, по макотрпни преговори сите 27 земји членки се согласиле дека предложената обновена методологија на Европската Комисија за пристапните преговори е задоволувачка, и дека реформскиот прогрес на Северна Македонија е доволен за да се отворат преговорите за членство во Европската Унија. Дипломат од земја членка на ЕУ објаснил дека амбасадорите добиле јасни инструкции од своите министри и влади во текот на преговорите што се водеа во Брисел изминатата година, така што не се очекуваат изненадувања во текот на денешниот ден.

Доза на воздржаност

Иако не се очекуваат изненадувања, по разочарувањето што во минатиот октомври го доживеаја Северна Македонија и Албанија, засега никој не сака да прогнозира дали може да се случи промена на одлуката, усогласена на амбасадорско ниво. Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, пред неколку дена соопшти дека почетокот на преговори на земјава со ЕУ е извесен и дека претставниците на земјите членки на ЕУ изградиле согласност. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, беше повоздржан во давањето оценки.

Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

„Должни сме кон народот да бидеме внимателни да чекаме да се заврши целосно работата, пред да ги упатиме пораките“, изјави Димитров.

Тој се осврна и на условите во кои ќе заседаваат министрите.

„Многу е тешко кој било од министрите на земјите членки да присуствува во Брисел на 24 -ти март. Правниците на ЕУ разговараат како тоа да се организира, дали можат сите да бидат на видео-врска и се надевам дека ќе се донесе правилна одлука. Мислам дека ЕУ ќе згреши многу ако прати сигнал дека е толку оптоварена со здравствената криза, што не може ништо друго да прави. И ќе биде многу важно по толку многу работа и толку многу напор, кога сме на чекор до тој заеднички успех, да се најде начин да се одржи на 24-ти март тој состанок“, изјави Димитров пред пет дена.

Повеќе:

-Дали ЕУ го остави Западен Балкан на цедило во кризата со коронавирусот?

Амбасадорите се единствените кои сѐ уште се сретнуваат физички во ЕУ, министрите и лидерите на земјите членки на ЕУ веќе неколку недели поради пандемијта на коронавирусот одржуваат исклучиво видео- состаноци.