Метрополите бараат решение за проблемот со смогот
7 декември 2016Париз и Лондон неделава се гушат под огромни наслаги на смог. Француските таблоиди вината ја префрлаат врз „германскиот воздух“, додека британските го обвинуваат „францускиот воздух“- што покажува, пред сѐ, дека загадувањето на воздухот не познава граници.
Париз во вторникот (6.12.) ги забрани сите возила со непарни броеви на таблички во обид да го намали автомобилскиот сообраќај кој е главен извор на загадување. Градоначалничката Ане Идалго дозволи бесплатно возење во јавниот превоз.
Во Лондон, градоначалникот Садик Кан објави опасност од воздушно загадување и ги повика возачите доброволно да ги остават своите возила дома. Британскиот весник „Ивнинг стандард“ ги убедуваше граѓаните дека „валканиот француски воздух“ наскоро ќе замине и ќе дојде свеж „ветар од Атлантикот“.
Големата концентрација на загаден воздух во Лондон всушност е резултат на домашното загадување комбинирано со загадениот воздух кој доаѓа преку каналот. Недостатокот на ветар во моментов го оневозможува расчистувањето на застојаниот воздух. Овонеделните проблеми се случуваат точно 64 години по „големиот лондонски смог“. Се проценува дека четиридневната отровна магла убила околу четири илјади луѓе, а 10 илјади се разболеле.
Особено сива зима
Не е случајност што историјата се повторува во овој период од годината. „Топлиот воздух е полесен од студениот- секогаш се обидува да оди горе, додека студениот воздух останува долу“, објаснува Алберто Гонзалес Ортиз, експерт за квалитет на воздухот во Европската агенција за животна околина.
Смогот се создава низ хемиска реакција на сончевата светлина, азотен оксид и испарувачки органски соединенија во атмосферата, што генерира воздушни честички и приземен озон.
Зимскиот смог е резултат на отровна комбинација на студен воздух, застојана воздушна маса и зголемен сообраќај и загревање. Најголемиот дел од загадувањето се создава од автомобили- особено дизел возила кои емитуваат до 95 проценти азот диоксид.
Експертот Гонзалес Ортиз вели забраната на возилата по принципот пар-непар е само краткорочно решение. „Долгорочното решение треба да биде да нема воопшто автомобили“.
Забрана за дизел возила
Долгорочниот план на париската градоначалничка Идалго го предвидува токму тоа. Минатата недела таа најави план за забрана за дизел возилата во градот до 2025 година, заедно со градоначалниците на Атина, Мадрид и Мексико Сити. Но тоа ќе биде многу тешка задача во Европа каде дизелот досега беше фаворизиран затоа што испушта помалку јаглерод диоксид од бензинот, па затоа е и подобар во битката против климатските промени. Но дизелот произведува далеку повеќе воздушно загадување- до 15 пати повеќе од бензинот.
Дизел возилата денес опфаќаат околу 50 проценти од автомобилскиот пазар во Европа, споредено со само 3 проценти во САД. Како резултат на тоа, трите најголеми европски градови имаат повисоко ниво на азотен оксид во воздух во споредба со американските.