1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ја заобиколува Македонија-случајно или сепак не?

Костадин Делимитов8 јули 2015

Фактот дека Скопје не е дел од мини балканската турнеја на германската канцеларка за дел од аналитичарите е дипломатска шлаканица за актуелната власт. Власта не демонстрира загриженост.

https://p.dw.com/p/1Fuqq
Фотографија: dapd

Аналитичарите загрижени, власта воздржана. Скопје повторно не е на мапата на германската канцеларка Ангела Меркел која денеска од Тирана ја започнува мини турнејата низ Балканот. Во услови на политичка криза но и континуирани забелешки за назадување на демократските процеси, проблемите во судството, состојбата со медиумите ваквиот развој според експертите е повеќе од јасен но истовремено и загрижувачки сигнал:

„Тоа што германската канцеларка Ангела Меркел ја забиколува Македонија во нејзината балканска визита е дефинитивно лош знак за Македонија. Нема случајности во планирањето на вакви посети, напротив тие даваат јасна политичка порака. Игнорирањето е најлошто што на Македонија може сега да ѝ се случи, особено што тоа доаѓа од реално најсилната членка на ЕУ во моментов. Оваа порака треба да се чита во комбинација со инсистирањето на Германија на минатиот Совет на ЕУ од заклучоците за Македонија да се тргне „европската перспектива“. По ова, ќе биде многу тешко Македонија да изгради поволна позиција кај Германија, која и така беше реално воздржана за македонската интеграција во ЕУ“, коментира за Дојче веле Малинка Ристевска Јорданова директор на Институтот за европска политика.

Mazedonien Deutschland EU Flaggen AA 12.03.2014 Berlin
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Дипломатска шлаканица

За дел од експертите фактот дека Меркел доаѓа во Тирана, Сараево и Белград, но не и во Скопје е јасен сигнал, посебно до актуелната владејачка структура:

„Ова е една многу јасна порака до македонските политичките структури, посебно до власта дека демократските процеси назадуваат, дека отсуствува не само демократија во политичка смисла, туку и слобода на медиумите, независност на судството и процеси кои се директно регулирани и водени од партиите на власт. Значи, недоаѓањето на Меркел е дипломатска шлаканица врз актуелната Влада предводена од Никола Груевски и Али Ахмети“, коментира Горан Рафајловки универзитетски професор, поранешен македонски амбасадор во Берлин.

Ваквиот развој според него дополнително загрижува ако се има предвид фактот дека односите, посебно политичките, не се на ниво од минатото:

„Сигурна е констатацијата дека врските, релациите и соработката на македонската политичка сцена, пред се на нашата влада со владата на СР Германија се многу слаби, да не кажам лоши. Посебно се влошени последните 4 до 5 години. Во таа смисла потребно е да се развие таканаречениот принцип на „second track diplomacy“, односно дипломатија на споредни шини. Во овој процес главната улога треба да ја преземат пред се интелектуалците, невладините организации и претпоставка да се роди една нова политичка опција која што нема да биде обременета од лошото влијание на актуелната власт меѓутоа и од слабостите на опозицијата. На тој начин ќе се направи една база за излез на Македонија од политичката криза и стабилизирање на еден подолг пат со цел забрзување на процесот на влегување на земјата во евроатлантските интеграции“, смета Рафајловски.

Случаен, протоколарен или намерен потег?

Фактот дека Меркел повторно ја заобиколува Македонија за време на нејзина посета во регионот за власта не претставува загрижувачки сигнал со оглед дека таа и премиерот Никола Груевски повеќепати оствариле средби во последниве години. Сепак дали овој пат станува збор за случаен, протоколарен или намерен потег, во ВМРО ДПМНЕ не сакаат официјално да коментираат. Не добивме одговор ниту во министерството за надворешни работи на Македонија. Ангела Меркел инаку важи за политичар со активен интерес за состојбите во регионот и Македонија. Честопати јавно изразувала поддршка но не штедела и критики за актуелните состојби во Македонија. Во делот на спорот со Грција околу уставното име лани во Дубровник таа изрази оптимизам дека е можно решение на ова прашање но преку компромис:

Angela Merkel mit Nikola Gruevski Ministerpräsident Mazedonien in Berlin
Фотографија: MIA

„Без компромис нема да може да се реши проблемот. Компромисот значи дека сите страни истовремено треба да бидат незадоволни. Од компромисот не може да се очекува дека се ќе заврши со среќа. Кога сите се незадоволни на некој начин мора да се постигне компромис“ , изјави Меркел.

Германија инаку важи за значаен партнер на Македонија, посебно на економски план и активен поддржувач на евроатлантското интегрирање на земјата. Во делот на трговската размена германскиот пазар е единствениот од ЕУ со кој Македонија остварува суфицит. Добар дел од присутните странски инвеститори во слободните економски зони се германски комапнии, а веќе се најавува почеток на производствени активности и на неколку нови. Во двеипол децении независност Македонија не ја посетил ниту ниту еден германски канцелар.