1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Позитивниот пример на Северна Македонија

СН/ агенции
29 април 2019

На отворањето на неформалната конференција за Западен Балкан во Берлин, германско-францускиот лидерски двоец укажа на значењето на надминувањето на долгогодишниот спорот за името како напредок важен за целиот регион.

https://p.dw.com/p/3HfCw
Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas

Најмногу пофалби на почетокот на самитот во Берлин собраа Северна Македонија и Грција. И Меркел и Макрон на заедничката прес-конференција истакнаа дека  решението на спорот за името, кој се провлекуваше со години, е пример за тоа оти и најкомплицираните спорови може да се решат ако се покаже добра волја. 

„Со развојот во Северна Македонија видовме многу храбри чекори, кои ни даваат надеж дека можат да се решат и долгогодишни конфликти. Затоа сакам уште еднаш за тоа срдечно да му се заблагодарам на нашиот грчки колега Алексис Ципрас, како и на бугарскиот колега Бојко Борисов, кои секогаш се залагаа за тоа. И така ние денеска со сигурност ќе водиме дискусија  со поглед на тоа дека големиот проблем на кој работевме повеќе од десет години сега можеше да биде решен“, истакна Меркел. 

Меркел и Макрон со пофалби за Северна Македонија

„Во изминатите месеци се покажа дека е можен напредок. Повеќе од 20 години по конфликтот кој предизвикуваше раскол на Балканот, успеавме, а во тоа Франција одигра решавачка улога, да го окончаме со договорот од Преспа. Видовме дека е можно да се надминат вакви спорови, кои претходно изгледаа нерешливи. Кога носителите на одлуки ќе одлучат да се ангажираат, а за тоа треба да им заблагодариме на Борисов, Ципрас и Заев, тогаш може и да се најде конкретно решение“, порача пак францускиот претседател. 

Повеќе:

-Меркел го пречека Заев во Берлин

-Меркел го притиска Макрон за датум за Северна Македонија

-Битка за датум на самитот во Берлин

Германската канцеларка во Берлин изјави дека Германија и Франција имаат заедничка одговорност за Западниот Балкан и оти позитивниот развој во регионот е во европски интерес. На заедничката прес-конференција со Макрон, Меркел изјави дека вечерашната средбата во канцеларската канцеларија во Берлин не е за донесување на заклучоци, туку за разгледување на позитивниот развој во регионот на Западен Балкан, односно за тоа да не се дозволи проблемите да станат уште поголеми. Решението би морало да ги задоволи сите засегнати, истакна Меркел.

Deutschland Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Hrvatska Vlada

Главна тема на денешната конференција во Берлин е ситуацијата на Западниот Балкан со акцент на односите меѓу Србија и Косово, Покрај Меркел и Макрон на на неформалниот самит учествуваат и лидерите на Србија, Косово, Црна Гора, БиХ, Албанија, Хрватска и Словенија, како и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини