1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел е за забрана на бурката „каде што тоа е можно“

ЕМФ /агенции
6 декември 2016

Бегалската политика предизвикува поделби во владејачката ЦДУ. Оттука, големи беа очекувањата од говорот на Меркел на денешниот конгрес на партијата. Таа ја брани својата политика, но вели дека 2015. не смее да се повтори

https://p.dw.com/p/2Toew
Deutschland CDU Bundesparteitag in Essen Rede Merkel
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Бегалската политика е исклучително контроверзна тема во Христијанско-деморкатската унија (ЦДУ). На една страна е лидерката Ангела Меркел со својот либерален курс,а на другата страна се сѐ повеќе нејзини партиски колеги. Ваквата атмосфера се отсликува и во документот со насоки кој треба да биде усвоен на денешниот конгрес на партијата во Есен. Затоа, очекувањата од денешниот говор на Меркел на конгресот беа големи. А, таа со прашањето се зафати веднаш на почетокот на својот говор: состојби како во 2015-та, кога бегалската криза доживеа врв, „не може, не смее и не треба да се повтори“, рече Меркел. Меѓутоа, Меркел истовремено подвлече и дека луѓето на кои им е неопходна заштита, мора да бидат заштитени. Ќе се проверува секој одделен случај, секој поединец, нагласи лидерката на ЦДУ.

Справувањето со бегалската криза во 2015. е извонредно постигање и ја прикажува Германија од нејзината најдобра страна, рече Меркел. Таа додаде дека 2016 година е пополна со предизвици од 2015-та: „Светот е во состојба во која е неопходно да се пресортира“, оцени таа и додаде дека таквата состојба во светот ги прави луѓето несигурни. Светот би морал заеднички да ги решава проблемите и кризите, а наместо тоа тој е разединет, потенцираше канцеларката.

Deutschland CDU-Bundesparteitag
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Во однос на ситуацијата во Сирија Меркел подвлече дека „она што се случува во Алепо е срамота“. Несфатливо е што илјаднци луѓе на улиците протестираат против договорот за слободна трговија, а убиствата во Алепо не предизвикуваат речиси никакви протести. „Нешто со политичките ориентири не е во ред“, рече Меркел проследена со громогласен аплауз од присутните.

Канцеларката и шефица на ЦДУ се изјасни и за делумна забрана на целосно покривање на жените во Германија. Дел од „меѓучовечката комуникација“ овде е „да го покажеме лицето“, аргументираше Меркел. „Затоа целосното покривање кај нас не е соодветно. Треба да биде забрането онаму каде што е тоа можно“, додаде таа. Околу илјада делегати ги пзоодравија нејзините зборови со аплауз. ЦДУ бара забрана на бурката при полициски контроли, пред суд и во сообраќајот.

Меркел во својот говор на конгресот на ЦДУ се заложи и за регулација на финансиските пазари. Таа „мора да биде многу посеквентна отколку досега“. И меѓународните концерни мора да си го плаќаат данокот, тоа луѓето го очекуваат од политиката. Наместо тоа, владее несигурност „дали светот си ги научи лекциите“, што пак води до тоа луѓето да ѝ завртат грб на политиката, оцени Ангела Меркел.

Лидерката на ЦДУ денеска по деветти пат е реизбрана за шеф на ЦДУ, со 89,5% од гласовите на делегатите.Таа речиси 17 години е на чело на демохристијаните и најави дека уште еднаш ќе се кандидира за претстојните парламентарни избори за функцијата канцелар. Најдобриот разулат при гласањето за шеф на ЦДУ Меркел го постигна во 2012 година, кога доби 97,9 проценти од гласовите на делегатите.