1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во САД: Размена на нежности меѓу Вашингтон и Берлин

Ралф Бозен
15 јули 2021

Трансатлантските односи страдаа во времето на Трамп. Американскиот претседател Бајден и германската канцеларка Меркел сакаат да им дадат нов полет на средбата во Вашингтон и покрај различнита ставови за неколку прашања.

https://p.dw.com/p/3wXG1
Bildkombo Angela Merkel und Joe Biden

 „Кому треба да му се јавам ако сакам да разговарам со Европа“, наводно еднаш прашал Хенри Кисинџер, иако поранешниот американски секретар за надворешни работи тоа до ден денес го оспорува. Во изминатите години телефонските повици од САД за важни европски прашања најчесто завршуваа со повик до Ангела Меркел. Германската канцеларка од конзервативната  ЦДУ важи за стабилна, ценета величина во меѓународната политика.

Делумно ја сметаат и за искрен поборник за слобода и човекови права. Но, по 16 години на власт таа е само премиер во заминување се до сојузните избори закажани за 26 септември годинава. Тогаш се повлекува, а САД ќе мора да си најдат ново бројче за повици.

Повторно зближување по кошмарот со Трамп

Но, останува уште малку време за очигледно последното големо прекуокеанско патување на Меркел до САД. Таа денеска (15 јули) е поканета од Џо Бајден во Белата куќа. Двете држави сакаат по претседателството на Доналд Трамп кој ги растури односите во Алијансите и со своите сојузници, повторно да изградат поблиска соработка.

Враќање на трансатлантската хармонија – тоа веројатно ќе биде девизата на оваа средба. Нејзиното посебно значење произлегува и од фактот дека Меркел за време на корона пандемијата речиси и да не патуваше никаде, освен на големите самити. Заканите од коронавирусот секако ќе бидат дел од разговорите. Американската влада соопшти дека ќе се зборува за „климатските промени, економската благосостојба и меѓународната безбедност, врз основа на заедничките демократски вредности.“ Сепак нема да станува збор за чисто работна посета.

Олеснување за патување во САД?

„Ангела Меркел е во финишот на нејзиното владеење. Па затоа и патувањето има проштален карактер. Американците гледаат и со доза на загриженост на вакуумот кој ќе го остави со заминувањето од политичката сцена,“ вели експертот за трансатлантски односи, Маркус Кајм од Фондацијата наука и политика во разговор за ДВ. Во таа смисла можностите за политичко агирање на Меркел се ограничени бидејќи таа  „веќе нема полномошно“, нагласува Кајм. За Меркел е тешко „од оваа позиција да остави трага“. Политикологот смета дека нема да се договорат далекусежни програмски определби, туку помали олеснувања во германско – американските односи.

„Олеснување кое сите го очекуваме е повторната дозвола за влез на лица од Шенген зоната во САД. Од рестрикциите страдаат не само многу компании туку и потенцијалните туристи. Тоа би било нешто со што администрацијата на Бајден би можела значително да го заблажи заминувањето на Меркел,“ објаснува Кајм.

Нарушена атмосфера поради гасоводот

 На патот до новата трансатлантска хармонија има неколку пречки. На пример, барањето на САД германските давачки за одбрана да бидат зголемени за да се стигне до т.н. НАТО цел од два проценти, како и општо поголем и воен ангажман на Германија во меѓународните кризи. Особено кавгата околу новиот гасовод Северен тек 2 кој треба Германија да ја снабдува со дополнителни количини руски гас, ги наруши односите. Прагматичната Меркел проектот го сфаќа како дел од економската соработка со Русија, а Бајден налик на својот претходник Трамп инсистирањето на проектот го интерпретира како нелојалност од страна на европскиот партнер. Тој стравува дека Германија и Европа ќе се доведат во позиција на поголема зависност од Москва и дека гасоводот ќе биде штетен за Украина како транзитна земја за гас. И во борбата против пандемијата Германија и САД не беа рамо до рамо, туку конкуренти во набавката на заштитни маски и вакцини. Пријателство не изгледа вака.

Тактика на замрзнат конфликт – заради Кина

Експертот за надворешна политика на Либералите, Александар Гроф Ламбсдорф смета дека од тие причини и во пост-Трамп ерата уште има големи недоразбирања. За ДВ вели: „Сојузната влада во Вашингтон се третира критички. Надворешната политика кон Кина која канцеларката речиси исклучиво ја сведе на економски прашања во Вашингтон предизвикува лутина. Германија се смета за климава и во однос на Русија. Особено гасоводот Северен тек 2 во Америка важи за тешка грешка, “ заклучува заменикот претседател на пратеничката група на Либералите.

-повеќе:

Буш за Меркел: „Жена со принципи и големо срце“

Германската надворешна политика по Меркел

Бајден и подава рака на Европа

Трезвено гледано, САД и Германија моментално не се баш најдобри пријатели, туку многу повеќе бизнис партнери со интереси кои се преклопуваат. Но, малку е веројатно дека Бајден и Меркел полирањето на односите ќе си го упропастат поради актуелни конфликти. Повеќе се чини дека тие ќе бидат ставени под тепих, како на пример Северен тек 2. Од тие причини Бајден неодамна се потруди да го ограничи спорот.  

„Има обострани напори во однос на други политички полиња, како на пример подемот на Кина, темата да се третира како замрзнат конфликт,“ вели политикологот Кајм. „И така би ги интерпретирал и јас напорите на администрацијата на Бајден темата да не се доведе до ескалација бидејќи Германија и е потребна за други работи.“

САД особено во времиња на геополитички промени имаат витален интерес да постои влијателен и стабилен европски партнер. За Либералот, Гроф Ламбсдорф од таму не се поставува прашање за големата важност на билатералното партнерство за САД.

„Трансатлантските односи особено за новата американска администрација се од големо значење. Џо Бајден е пријател на Германија и Европа. Точно е дека најголем стратешки предизвик на денешницата е подемот на Кина, што не значи дека другите релации ќе бидат запоставени,“ вели политичарот.

Црвен килим за Меркел

 Затоа самитот Меркел – Бајден во Белата куќа најверојатно ќе биде срдечна пријателска средба со топли зборови. Сигнал за обнова на билатералните односи. Трамповата „Америка на прво место“ се менува во „Америка се враќа“ на Бајден. САД веќе испратија позитивни сигнали. При првата посета на Берлин како министер за надворешни работи на САД Ентони Блинкен го нагласи огромното значење на Германија за неговата земја: „САД нема подобар партнер и подобар пријател од Германија,“ рече тој на крајот на јуни.

Претходно и претседателот Бајден имаше ласкави зборови за канцеларката Меркел. На  заедничката средба на маргините на Г7 самитот во јуни во Англија тој ја пофали како „извонреден политичар и претседател на влада“. И „пред останатите премиери изјави дека таа е шеф на влада на која најмногу и се восхитува во Европа“, изјави американскиот претседател во видео порака на неговиот Инстаграм профил.

Покрај тоа во Твитер порака неодамна напиша: „Поврзаноста меѓу нашите две нации е посилна од било кога – и со нетрпение ја очекувам следниот месец во Белата куќа за да ја продолжиме нашата работа.“ САД вербално веќе го распослаа црвениот тепих за канцеларката. Време е за трансатлантски умилкувања.