1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мексиканските студенти убиени со германско оружје?

Бенџамин Најт/ СН26 декември 2014

На германскиот производител на оружје Хеклер и Кох му се префрла дека незаконски ѝ испорачал оружје на полицијата во мексиканскиот град Игуала. Можно е токму со ова оружје да се убиени луѓе.

https://p.dw.com/p/1E4Ju

Жртви беа студентите кои демонстрираа против локалните власти. Полицијата која ги приведе студентите и подоцна ги испорача на припадниците на еден локален мафијашки клан, како што покажува истрагата, користела автоматски пушки од германската фирма Хеклер и Кох. Според наводите во германскиот дневен весник „Тац“, мексиканските истражители заплениле 36 автоматски и пиштоли од германскиот производител кои ги поседувала локалната полиција. Весникот наведува дека располага со листа на оружјето кое е пронајдено и според одредбите за извозни дозволи тоа оружје воопшто не би смеело да биде испорачано во тој регион.

На 26. септември локалната полиција во градот Игуала во мексиканската сојузна држава Гереро пукала врз автобуси со демонстранти и притоа убила шестмина студенти. Потоа, барем така покажуваат досегашните резултати на истрагата, преживеаните студенти се уапсени и испорачани на припадниците на локалната мафијашка група „Герерос Унидос“. Оттогаш им се губи трагата на 43 студенти и тие службено се водат како изчезнати. Меѓутоа се претпоставува дека се сите убиени, а ДНК-трагите пронајдени во една масовна гробница ја потврдуваат тезата. Истражителите во рамките на истрагата досега уапсија 80 лица, а запленети се 228 парчиња оружје од полицискиот арсенал - меѓу нив и 36 автоматски пушки од типот Г36 произведени во погоните на германската фирма Хеклер и Кох. Инаку оваа автоматска пушка е стандардно оружје на германскиот Бундесвер. Според извештаите на истражителите за убиството на студентите, користени се 30 различни видови оружје, меѓутоа засега е нејасно кое оружје е точно употребено.

Mexiko Demonstration Mord an Schülern 20.11.2014
Фотографија: picture-alliance/AP/Moises Castillo

Продажба на оружје на корумпирани режими

Германската влада во 2007. година дозволи продажба на 9.500 автоматски пушки Г36 во Мексико, но само под услов да не се испорачаат во четири мексикански региони во кои локалните власти и тамошната полиција важат за исклучително подмитливи. Еден од тие четири региони е и сојузната држава Гереро. Но уште во 2010. година една телевизиска екипа на Првата програма на германската телевизија АРД известуваше за тоа дека оружјето сепак стигнало и во тие региони, и оти соработници од фирмата Хеклер и Кох ги обучуваат припадниците на тамошните сили за безбедност како да ракуваат со автоматските пушки.

Потоа Јирген Греслин, германски мировен активист, поднесе пријава против фирмата, поради повреда на одредбите на Законот за контрола на воено оружје и Законот за извозна економија. Но надлежниот јавен обвинител во врска со тој случај до денес не поднел кривична пријава.

„Ние од искуство знаеме дека автоматските пушки од марката Хеклер и Кох и до 50 години функционираат беспрекорно и можат да бидат користени“, вели Греслин во разговорот за ДВ. „Последиците за Мексико се фатални. Во овие први години корумпираните полицајци со тоа оружје илегално извезено од Германија убиваат недолжни и невооружени демонстранти. А во наредните години и децении нарко-картелите тие автоматски пушки ќе ги купат од полицијата или ќе дојдат до нив на друг начин.“

Прогнозата на Греслинг се темели на слични случаи од минатото. Така, во декември 2011. година полицијата во Чилипанчингу, главниот град на Гереро, убила двајца демонстранти. Оружјето со кое се тие убиени не е пронајдено, но се покажало дека полицајците кои учествувале во акцијата користеле пушки од типот Г36. Според наводите на мексиканскиот јавен обвинител Хесус Муријо, полицијата во Гереро месечно добива од бандата „Герерос Унидос“ 50.000 евра.

Одолговлекување со истрагата

На почетокот на декември фирмата Хеклер и Кох го загуби судскиот процес со своите двајца поранешни соработници кои наводно биле одговорни за продажбата на оружје во Мексико. Тие успешно му се спротивставија на решението за отказ кое го добија. За време на постапката на виделина излегоа списоци кои покажуваат како продажбата на митралези во Мексико се обидела да се прикрие во дел и со фалсификувани документи.

Heckler & Koch spendete an FDP
Фотографија: picture-alliance/dpa/Patrick Seeger

„Се прашувам, зошто таа истрага трае веќе 4 години“, вели Јан ван Акен, претставник на партијата на Левицата во германскиот Бундестаг и критичар на германскиот извоз на оружје. „Јавното обвинителство конечно би морало да покрене тужба и да ги обелодени сите докази со кои располага. Можеби во тој случај тоа би можеле да го поврзат со истрагата во Мексико и да утврдат дали навистина некои од убиствата се извршени со оружје од Хеклер и Кох. Но 4 години за истрага - тоа е недозволиво.“

Фирмата Хеклер и Кох на прашањата на новинарите на оваа тема не сакаа да зборува. Греслин претпоставува дека тужбата сепак ќе биде покрената напролет, наредната година. Пред тоа би требало да биде објавен извештајот на Царинската криминалистичка служба. Ван Акен е уверен дека во меѓувреме се собрани доволно материјали: „Според мене во овие 4 години се собрани доволно докази, за да се покрене тужба.“