1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мекгрегор на местото на Гренел во Берлин - тегобна промена

Андреас Нол
29 јули 2020

Коментаторот на Фоксњуз и полковник во пензија Даглас Мекгрегор ќе биде нов американси амбасадор во Берлин. Мекгрегор ја познава Германија и ги дели ставовите на американскиот претседател.

https://p.dw.com/p/3g6qi
Berlin Polizei vor US-Botschaft
Фотографија: AFP/O. Andersen

Американскиот претседател запазува континуитет – по Ричард Гренел, интересите на САД во Германија ќе ги застапува Даглас Мекгрегор. Со своите дрски твитови Гренел уште во првите недели од стапувањето на функцијата предизвика бројни критики. Амбасадорот преку своите совети постојано се мешаше во германската политика и ја критикуваше германската влада.

Со поранешниот полковник во американската армија, Даглас Мекгрегор, во Германија повторно стигнува љубител на директни зборови, кој постојано ја брани политиката на претседателот Трамп. „Благодарение на нас, Германците не чувствуваат обврска самите да се грижат за својата одбрана. Претседателот затоа постави прашање: Зошто треба американските даночни обврзници да ве бранат вас, кога вие самите не сакате да се браните?", изјави Мекгрегор пред две години во телевизиско интервју. Уште во текот на својата воена кариера, Мекгрегор стекна имиџ на латерален мислител. По заминувањето од активна служба во 2004 година, дополнително ја засили критиката на сметка на воените структури во САД.

Амбасадор кој ја познава Германија

Мекгрегор би требало подобро да ги познава политичките релации во Германија отколку неговиот претходник. Уште како ученик во единаесетти клас, тој поминал една година во Германија преку размена на ученици. И по воената кариера на реномираната Воена академија Вест поинт, според медиумските извештаи, тој подолго време бил стациониран во Германија.

Уште за време на активната воена служба Мекгрегор напишал повеќе книги, меѓу другото и за сојузништвото на Германската Демократска Република со Москва во време на Студената војна. Добро го познава германскиот јазик.

US-Botschafter Grenell
Ричард Гренел се истакнуваше со недипломатски изјавиФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

И неговиот пат во светот на војската е поврзан со Германија. Како ученик од петти клас, Даглас Мекгрегор бил наводно фасциниран од книгата на еден генерал на Вермахтот за тенковските битки во Втората светска војна. 

Неуспех на патот кон самиот врв

Мекгрегор се докажал како воен водач и планер во Ирак и на Балканот. Во Заливската војна во 1991 година командувал со тенковска единица која на фронтот во најбрзо време елиминирала десетици оклопни возила на Ирачаните.

Пред Косовската војна во 1999 година, во која тој учествува како главен планер во командата на воените сили на НАТО под команда на Весли Кларк, тој во 1997 година во книгата „Breaking the Phalanx" се залага за темелна реформа на американската војска.

Но, политиката не ги прифатила неговите препораки. Тој бил одминат и при унапредување во чин на генерал. Во 2004 година Мекгрегор фрустриран, како што тврдат набљудувачи, се простил од активна воена служба и основал консултантска фирма.

Популарност благодарение на Фокс њуз

На пошироката публика тој ѝ е познат како коментатор за безбедносно политички теми во ТВ Фокс њуз, што исто така го поврзува со неговиот претходник Гренел. Можно е Мекгрегор тука да го привлекол вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, кој за политичките настани се информира преку Фокс њуз.

Повеќе:

Трамп ги повлекува трупите и остро ја критикува Германија

САД поттикнуваат раздор во Европа

„Американскиот амбасадор се однесува како гувернер на окупаторска сила“

Германските политичари бесни на амбасадорот на САД Гренел

Телевизиските анализи на Мекгрегор се наоѓаат на иста бранова должина со американскиот претседател. Така, поранешниот офицер одамна се залага за повлекување на американските трупи од Авганистан и од Сирија. И критиката на Трамп насочена кон НАТО наидува на одобрение кај Мекгрегор. Уште пред францускиот претседател Емануел Макрон да ја разбранува јавноста со неговата забелешка за „клиничката смрт на НАТО", Мекгрегор ја „отпиша“ Алијансата. „НАТО не умира, туку претставува еден зомби", гласи неговата констатација во анализа од пролетта 2019 година.

Се множат критичарите

Ваквиот поглед во однос на НАТО за Германија е проблематичен. Мекгрегор „би бил прв американски амбасадор во Германија, кој НАТО го смета за надминат", вели политичкиот аналитичар Улрих Шпек, кој меѓу другото работи и за трансатлантски ориентираната Германска Маршалова Фондација. Шефот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер го нарекува Мекгрегор „интересен изолационистички латерален мислител". 

Во најважните теми како нов амбасадор за Мекгрегор веројатно ќе биде од американскиот претседател најавеното повлекување на 9.500 од 34.500 американски војници стационирани во Германија. Конкретни детали треба да бидат познати оваа недела.

Но, кога новиот амбасадор на САД ќе стапи на должноста во Берлин, не се знае. Прво треба да даде согласност Сенатот, процес кој најверојатно може да се пролонгира до идната година. Ако Трамп во ноември ги загуби претседателските избори, Мекгрегор во Берлин не би можел да поставува акценти.