МВР две години ги бара лицата кои кршеа во општина Центар
19 април 2015Разговорите од денешната опозициска „бомба“ откриваат дека наводно премиерот лично, со „пиши-бриши“ стратегија одлучувал за конечниот изглед на градбите од „Скопје 2014“, но и дека лично ги поттикнал протестите и насилството пред општината Центар во јуни 2013 година. Премиерските интервенции и упатства за изгледот на Офицерскиот дом, за т.н. „Шпански скали“, за Градскиот трговски центар (ГТЦ) и за промените на деталните урбанистички планови во Центар кои можеа да се слушнат од презентираните разговори, не ги изненади многу архитектите. Според „резултатот“, велат, им е јасно дека креаторот на јавниот простор во Центар бил нестручно лице. Таков е ставот и на Даница Павловска, поранешен претседател на Здружението на архитекти на Македонија.
„Како архитекти, чувствувавме дека некој со несоодветно образование го нарачува проектот, дека е тоа некој со несоодветно познавање на сферата на архитектурата и урбанизмот, со несоодветно познавање на значењето на јавниот простор и на културните особености на централното градско подрачје. Особено, чувствувавме дека се работи за личност затворена за дијалог и со професионалците во архитектурата и урбанизмот, а би рекла и со оние од финансиската сфера. Она што е најнавредливо, е крајната нетранспарентност во текот на целиот овој процес“, вели Павловска.
Саша Богдановиќ, претседател на Основната организација на СДСМ, најавувајќи ги скандалозните снимки од новата „бомба“, рече дека „големиот патриот Груевски со грчкиот бизнисмен Кондоминас го усогласувал изгледот на Офицерскиот дом на плоштадот“, но решавал и за други објекти.
„Груевски и Јанакиески признаваат дека цел плоштад е нивни преку контроверзниот бизнимен Алек Теранова, кој веќе ја напушти државата“, рече Богдановиќ .
Друга вистина зад „Веритас“
На денешниот јавен собир во скопски Капиштец, Богдановиќ потенцираше дека тоа не е борба против членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е наша заедничка борба. Груевски бил подготвен е на се‘ - да злоупотребува Црква и чувства на граѓани, само за да си ги заштити плацевите на Водно и милионите од Белизе. Тој стои директно зад насилните протести кои се случуваа во општина Центар (2013), а за кои се‘ уште нема полициска и судска разврска“, рече Богдановиќ.
Од серијата презентирани разговори најфрапантен е оној меѓу соговорниците за кои опозицијата тврди дека се гласовите на премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Во разговорот, Груевски бара да се подготви сценарио во кое градоначалникот на Центар ќе добие неколку шлаканици в лице: „Подготви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме... Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три - четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот, н.з), нема тешка телесна повреда тука за кривична, има само за прекршочна“.
Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски лани во октомври со отворено писмо се обрати до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, барајќи да ги открие насилниците кои учествуваа во нападите врз општинската зграда во јуни 2013 година. Тогашните протести ги организираше дотогаш непознатата граѓанската иницијатива „Веритас“, под образложение дека градоначалникот на Центар сака да ја запре изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“, што од страна на Жерновски беше неколкупати демантирано. Но, и покрај тоа протестите се одржаа, а група насилници ја откорнаа оградата и кршеа прозорци на општинската барака.
„Недозволиво е 15 месеци да не се откријат насилници фатени на камера. Уште повеќе што наводната НВО 'Веритас‘, која тогаш се јави како организатор на протестите, воопшто не е регистрирана како невладина организација“, напиша тогаш Жерновски во писмото.
Но, и до денес состојбата не е променета.
„Се‘ уште се работи на идентификација на лицата. Истрагата е во тек“, кратко соопштија за Дојче веле од МВР. Нерасветлените инциденти за нападите врз општината Центар се споменуваат и во бриселскиот Извештај за напредокот на Македонија.
Повреда на верските чувства
Од МПЦ, по денешното демаскирање од страна на опозицијата на „поводот“ за протестите во јуни 2013, велат дека не сакаат Црквата да биде инволвирана во ничии политички агенди.
„Туркањето на МПЦ во скутот на која било политичка структура со цел да се исполнуваат нечии замислени дневно-политички агенди, е манипулирање со Црквата и повреда на верските чувства на оние граѓани во македонското општество кои се изјаснуваат како верници“, коментираат кусо од МПЦ.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, пак, директно му се обрати на премиерот.
„Никола, по овој разговор можам да ти се обраќам само на 'ти'. Ти си обичен насилник кој ја срами премиерската функција. Тие не работиш 24/7, туку шеташ во комбе и бараш плацови за тебе и за фамилијата. Пресуден е шамарот што ќе го добиеш ти од граѓаните на Центар и на Република Македонија. Твојот сон беше да се одвоиш од граѓаните преку потпорен ѕид 6-7 метри на Водно. Ќе се одвоиш од нив, но не преку ѕид, туку преку решетки“, рече Жерновски.
Тој му порача на Груевски дека по сите „шамари што досега ги добил во општина Центар, на 26 април ќе го добие најголемиот“, кога ќе се одржи референдумот за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар.