Мајка Тереза под лупата на Штази
9 јануари 2016Државната служба на ГДР била малку заинтересирана за животното дело или зборовите на Мајка Тереза. Родена во 1910 година во Скопје, со албанско потекло и индиски пасош, таа уште од педесеттите години им помагаше на најсиромашните во индиска Калкута. Таа таму ја основаше заедницата Мисионерки на љубовта и со работа и залагања за неа, во седумдесеттите стана позната ширум светот. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир.
На комунистите на власт во источен Берлин црквата им беше туѓа, често беа и непријателски расположени кон свештенството, но беа љубопитни кон славната гостинка. Сакаа да ја искористат медиумски и и‘ даваа значење на гостин од висок ранг. Во документите на германската тајна служба Штази (Државна безбедност) може да се прочита дека службениците не можеле да се договорат како да го пишуваат нејзиното име. Така во актите се среќава и „Mutter Teresa" i "Mutter Theresa", "Mutter Teresia", но и „мајка Тереза, познатата индиска чесна сестра Мери Тереза Бојаџи“. Источногерманската тајна служба немала лесна работа со Мајка Тереза не само поради тоа што таа беше чесна сестра, туку и поради менувањето на своите планови во последен момент. Таа доаѓала ден подоцна или останувала подолго отколку што најавувала. Кога во 1986 година берлински „Моргенпост“ објави дека Мајка Тереза наскоро ќе дојде во источен и во западен Берлин, тоа беше нешто ново и за Штази. Покрај исечокот од весник, во досието е запишано: „Досега не е ништо познато. Главните одделенија ХХ и VI се известени.“ Доаѓањето на Мајка Тереза било прецизно евидентирано: стигнала со службен Мерцедес на генералниот конзулат на Индија, а ГДР ја напуштила со авион на источногерманскиот Интерфлуг во правец кон Атина. Во актите е и редовниот налог до граничните службеници за „слободен премин на границата без царинска контрола.“
Црквата полна агенти
Најспектакуларна беше првата посета на Мајка Тереза на ГДР во 1989-та година. Во западен Берлин се одржуваше Собир на католичките верници на Германија и Мајка Тереза до Државниот секретаријат за црковни прашања на Источна Германија испратила молба за на 5 јуни, на големиот католички празник, да ја посети верската служба во катедралата на Света Хедвига во источен Берлин. Молбата стигнала до министерот за државна безбедност, се‘моќниот Ерих Милке. Тој одобрил Мајка Тереза да влезе преку граничниот премин во улицата Хајнрих Хајне иако е странец, а службениците на Штази „добро се подготвувале“ за нејзиното доаѓање.
Илјадници верници од источен и западен Берлин сакале да присуствуваат на мисата. Полицијата одбрала 2544 луѓе. Црквата била полна, а во неа дури 115 дополнителни припадници на Штази. Целиот престој внимателно бил сниман со камери, а во досието има мноштво фотографии. Се разбира, тајната полиција најмногу се интересирала со кого се среќава Мајка Тереза и дали се тоа „противдржавни елементи“.
Да се сликате по секоај цена!
Интересна е и нејзината посета на Кемниц во 1984 година. Тогаш овој град уште се нарекуваше според Карл Маркс. Проблем бил што на градоначалникот, другарот Курт Милер, никој не му кажал дека ќе стигне Мајка Тереза. Дури кога таа веќе стигнала, градоначалникот испратил панична порака до државниот секретар за верски прашања со прашањето: како да постапи. Налогот од Берлин бил јасен: на другарот градоначалник мора да му биде јасно дека „е од највисок државен интерес“ и самиот тој да се сретне со Мајка Тереза, се разбира пред камерите на државната телевизија и новинарите. „Во секој случај мора да биде наложено да се направи барем една фотографија“ на градоначалникот со гостинката, која потоа државната новинска агенција ќе ја испрати во цел свет. Не колебајќи се ни еден момент, другарот градоначалник организирал прием во градското собрание и ја поканил Мајка Тереза. Но, наместо чесната сестра, се појавил само локалниот свештеник, кој на градоначалникот му ја пренесол пораката на Мајка Тереза дека овојпат таа за жал нема време да дојде во градското собрание. На другарот градоначалник му било јасно дека постои само еден начин да го исполни налогот од Берлин. Со монографија на градот и букет цвеќе тој отрчал во манастирот во кој престојувала Мајка Тереза, следен од екипа на државната телевизија. Мајка Тереза, се разбира, не можела да го одбие, а источногерманските медиуми известувале за „срдечната средба“ на градоначалникот со Мајка Тереза.