„Мајка Меркел во Приштина“
20 декември 2011„За Косово, посебно за премиерот Хашим Тачи, посетата е празник. Училиштата се затворени, децата стојат во шпалир долж патот од аеродромот и мафтаат со германски знаменца“, опишува во извештајот „Зиддојче цајтунг“. Во текстот понатаму се вели:
„Дипломатската протоколарност наложува разговор на Меркел со спорниот премиер. Тачи е под сомневање дека учествувал во криминални махинации. Односот со Германија е оптоварен и поради апсењето со исконструирани сомничења на тројца агенти на германската разузнавачка служба БНД во 2008 година, кои беа ослободени дури по голем притисок од кабинетот на канцеларот“. Во написот се известува за кратката прес-конференција и признанијата упатени од Тачи кон Меркел за ангажманот за Косово. „Меркел го прима тоа на знаење дистанцирано, без демонстративно пријателство. Таа не сака да се најде под сомневање дека застанува зад една од страните. Ситуацијата е сензибилна, посетата на Косово деликатна, за летот беше специјално одбран заобиколен пат преку Бугарија, за воопшто да не мора од Србите да се бара одобрение за прелет“, известува „Зиддојче цајтунг“.
КФОР е информиран за подземјето во Косово
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во поднасловот на извештајот констатира дека „Германската канцеларка е најпопуларна политичарка во Косово, откако му се спротивстави на стремежот на Србија уште во текот на годинава да стане кандидат за пристапување кон ЕУ“. „Откако госпоѓа Меркел остана на својот став и на самитот на шефовите на држави или на влади на ЕУ на почетокот на декември, во Косово ја слават како ’мајка на Косоварите‘, која порешително се залага за интересите на Косово, отколку владата во Приштина“. Опишувајќи ја состојбата во северниот дел на Косово, во написот се вели: „КФОР е добро информиран за подземјето на северот на Косово, оти меѓународните трупи систематски ги прислушкуваат телефонските разговори и точно го следат движењето на предводниците. Оттука е познато и дека безредијата и насилните протести на косовските Срби од Северот со наводен политички белег во битна мера беа насочувани од локалното подземје. Тие сили можат да се потпрат врз речиси сплотено отфрлање на косовската држава од страна на косовските Срби од Северот“.
„Недоследно“
Во коментарот на посетата, што „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го донесува на првата страница, се констатира дека „само Бил Клинтон, Џорџ Буш јуниор и Јосип Броз Тито биле пречекувани од Албанците во Приштина со сличен ентузијазам, како сега Ангела Меркел“. Причина е дека канцеларката „барем таков беше впечатокот во Приштина, речиси самата спречи Србија годинава да биде именувана за кандидат за пристапување кон ЕУ. Поради тоа ја слават во Косово. Но, дали опстојувањето врз тоа, на Србија да не и’ се даде кандидатски статус, и навистина е од интерес за Германија, допрва ќе се покаже“. Западниот Балкан не е од првенствено економско значење за Германија, туку регионалната стабилност, оти е таа предуслов за повлекување на германските војници стационирани таму од 1999 година. „За да се постигне стабилност, сепак мора да кооперира не само Приштина, туку и Белград. (...) Со години се велеше дека штом Србија ќе ги исполни обврските кон Трибуналот за воени злосторства, кандидатскиот статус е само формалност. Придржувањето кон тоа неофицијално ветување не би значело испуштање од рака на едно средство за притисок врз Србија; напротив. ЕУ потоа би можела многу ефикасно да го зголеми притисокот врз Белград со предусловот, пред почетокот на разговорите за пристап Србија да мора де факто да го признае Косово и натамошно да не го блокира во регионалните тела“, смета „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Автор: „Зиддојче цајтунг“/ „Франкфуртер алгемајне цајтунг“
Превод: Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска