1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Машкиот клуб“ на македонската политика

4 септември 2021

Верувале или не, но од 143 досегашни кандидати за градоначалници на двете најголеми партии, само осум се жени. Целосна еманципација на мажите. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3zu8q
Nordmazedonien Parlamentswahl in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Одлуките зависеле од анкетите што ги правеле партиите по градовите. Така се одредувале кандидатите за градоначалници на двете најголеми партии за локалните избори. И што покажуваат тие? Дека членството и граѓанството повеќе им верува на мажите отколку на жените? Или дека партиите во анкетите повеќе нуделе мажи отколку жени?

Имињата што ги објавија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за веќе определените кандидати за градоначалници на извонреден начин покажуваат дека политиката во Македонија и натаму останува елитен клуб на мажите. СДСМ досега утврди 68 кандидати за градоначалници – и од нив само пет се жени. Во ВМРО-ДПМНЕ до вчера имаа утврдено 55 кандидати за градоначалници – од нив само три се жени. И плус Данела Арсовска, лидерката на Сојузот на стопански комори, која настапува како независен кандидат, но ја доби поддршката на партијата.

Тоа значи дека од 143 кандидати во двете најголеми партии само осум се жени. Тоа не е чудно, тоа е поразувачки. Партиите ќе понудат различни објаснувања зошто жените се фрлени на страна во најважните битки на овие локални избори. И ниедно од тие објаснувања нема да биде соодветно. Како што немаше ни соодветно објаснување зошто во владата има само четири министерки.

Конфорна зона

Она што би можело да биде конфорна зона во политичките толкувања е застапеноста на жените во Собранието – но тоа се законски утврдени рамки, кои ако не се исполнети листите и не може да се усвојат. Другата конфорна зона во политичките толкувања е дека во раковдните органи на партиите има „адекватен“ број жени. Формално тоа е точно, но дали суштински влијае на распоредот на силите. Претседателите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се мажи, генералните секретари исто така. Двајцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ се мажи. Од четворицата потпретседатели на СДСМ тројца се мажи, но жена е номинално втората личност во хиерархијата на партија, заменик-претседател.

Албанскиот премиер Еди Рама во четвртокот го објави составот на новата влада која произлегува од победата на Социјалистичката партија на последните избори. За балкански услови персоналниот состав на владата изгледа како неверојатно чудо – во кабинетот наречен „Рама 3“ ќе има 12 министерки и четворица мажи министри. Рама на извонреден начин ги урива маскулинските табуа, особено поврзани со наводниот албански машки свет. Не само за Македонија, туку и за другите балкански земји.

Кога шпанскиот премиер Педро Санчез пролетоска изврши реконструкција на владата, го смени и родовиот распоред меѓу министрите. Сега шпанската влада има 12 жени и 10 мажи, а четирите клучни места на вицепремиери се во рацете на жени.

Речиси исто е и во Франција – во владата на Жан Кастекс, вториот премиер во времето на претседателот Емануел Макрон, има 17 жени и 14 мажи.

Да не зборуваме за источноевропските земји, од Естонија до Молдавија, и од Словачка до Грузија – таму драматично се зголемува бројот на премиерки и шефови на држави кои се жени. Во Молдавија лани во декември на претседателските избори победи проевропски ориентираната Маја Санду. Од август годинава, по изборите, премиерка е Наталија Гаврилица. Претседателка на Словачка е Сузана Чапутова. И во Грузија шеф на државата е жена. Во Естонија и премиер и претседател се жени. И во Литванија премиерка е жена. И во Финска, Норвешка, Данска... и да не набројуваме други примери.

Вртење кон бизнисмените

Има многу социолошки објаснувања за маскулинско-патријархалниот образец во Македонија. И тие се генерално познати и релативно често елаборирани во јавноста. Па, сепак, и во нив го нема вистинскиот одговор за машката доминација во големите партии. Еден страничен одговор може да понуди објаснувањето на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Битола, Христо Кондовски, кое тој им го даваше на новинарите. А тоа било поврзано со неговите наводни менаџерски способности како успешен бизнисмен. Кондовски изјави дека сегашната градоначалничка Наташа Петровска работела домаќински, направила многу инфраструктурни проекти, но требало да се менаџира поефикасно. А тој како бизнисмен знаел како да се менаџира: „Сето тоа ми е фах од раководење во приватните фирми и знам да го направам тоа“, рече Кондовски.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

Се разбира, и менаџирањето на приватните фирми во Македонија е главно во рацете на мажите. Па кога партиите се вртат кон бизнисмените на локалните избори изборот логично паѓа на мажите. Како жените да се помалку успешни или помалку експедитивни или со помали организациски способности.

Тоа вртење кон луѓето од бизнисот стана нова мантра на политиката во Македонија. Речиси во сите партии. Тоа е непристојна отстапница на раководствата на партиите кои сакаат да го намалат одиумот на недоверба, кој јавноста го има спрема политичарите и кој го покажуваат сите анкети. Кога обичниот граѓанин со индигнација дури и одбива да зборува за квалитетот, способноста и моралноста на политичарите, партиите се обидуваат да го акомодизираат прибежиштето со пoнуда на бизнисмени како свои кандидати. При тоа, посредно сугерирајќи дека ако си бизнисмен, па и успешен, тогаш по несоборливиот ред на нештата мора да бидеш и успешен политичар. Тука е клучот на сите замки – политиката е извонредна вештина на раководење и преземање на одлуки во мали и големи општини, во министерства и во владата. Тоа е работа на политичарите, на нивната умешност да ја видат целината на сликата, да размислуваат на илјадниците различни интереси во општеството. Тоа не е менаџирање на фирма. И никогаш не може да биде. Ако раководењето на една општина се сведе на синтагмата менаџирање – тогаш работите стануваат сериозно загрижувачки. Зошто луѓето би се вклучувале во политиката за остварување на програмски идеи во кои веруваат? Едноставно, работата треба да им се препушти на бизнисмените, затоа што тие при раководењето на приватни фирми знаеле како да го направат тоа, како што објасни Кондовски. И како што објаснуваат и редица други кандидати за градоначалници кои се биснисмени.

Овие локални избори ќе бидат и извонреден лакмус за тоа каде би можела да се движи политиката во наредниот период. Десетиците независни изборни листи, независните кандидати за градоначалници можеби ќе понудат некаков одговор, но прашање е дали тој ќе биде вистинскиот. Гласањето за независните листи во Градот Скопје и неколку скопски општини сигурно ќе јава на бранот на незадоволството од политичарите и нивните неостварени ветувања. Но дали е тоа доволно. На овие листи има толку многу различни идеолошки профилирани луѓе, толку многу различни интереси, што ќе биде тешко да се профилира една нишка која ќе биде водилка, освен незадоволството. Погледнете ја само листата за советници на иницијативата „Зелен хуман град“ за Градот Скопје и ќе забележите дека таа е правена како лонец со многу добри намери. Сите кандидати на таа листа, а и на другите, секако ќе сакаат да го понудат она што може да биде вистинска и автохтона алтернатива, но прашањето е како тоа да се артикулира за да не изгледа како какофонија.

Но ова е добар почеток, филтрирањето ќе следи подоцна, а и политичкиот концептуализам. Голем мотив за скопските активисти и мрежното организирање против големата политика, имаше успехот на Томислав Томашевиќ на изборите за градоначалник на Загреб. И тој произлезе од ваква навидум неврзана мрежа, повеќе левичарски настроена. Но на Томашевиќ и другите околу него да стигнат до победа во Загреб им беа потребни најмалку пет години макотрпна работа и калибрирање на идеолошката и практичната понуда. Нашитенезависни, сакале или не, го носат товарот на „зависноста“, понекогаш и без да знаат.

Како и да е, на македонската политичка сцена се случуваат убавите чекори на еманципирање. А во партиите? Таму мажите на локалните избори ја доживуваат својата целосна и доминатна еманципација.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар