Скопје и Берлин на видео-врска
30 септември 2020Северна Македонија и процесот на проширување на ЕУ се едни од приоритетите на германското претседателство со Европската унија, истакна денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Тој на заедничката видео-пресконференција по онлајн-состанокот со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи потсети дека досега двапати бил во посета на Скопје и изрази жалење што во моментов, поради корона-кризата не може повторно да ја посети земјата.
Мас на заедничката видео-пресконференција уште истакна дека тој и неговиот македонски ресорен колега Османи денеска имале многу контруктивен разговор за темите на европската соработка. „Наша декларирана цел е и останува за време на германското претседателство да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, која е следниот логичен чекор во процесот на пристапување на земјата кон ЕУ“, рече Мас. Германскиот министер истакна дека Германија ќе продолжи да ги подржува евроинтеграциските напори на Северна Македонија и регионалната соработка, за која како што истакна се залага владата во Скопје.
Повеќе:
-Германско МНР: Историјата нека им остане на историчарите
-Коронавирус: Берлин нуди лекување на македонски пациенти во Германија
-Берлин: Добредојде од срце за Северна Македонија
Мас претходно му упати честитки за изборот на Османи и му посака многу успех во вршењето на новата должност, но и плодна билатерална соработка на две блиски и пријателски земји кои остваруваат интензивна економска и трговска размена.
Соговорниците заеднички констатирале дека завршетокот на 2020 година и претседателство на Германија со ЕУ нуди неповторлива и неодминлива шанса Северна Македонија, по членството во НАТО, да започне со исполнување на вториот државен стратешки приоритет, членство во ЕУ.
Мас и Османи истакнале дека почетокот на преговорите ќе значи конвергенција на македонското општество кон правилата, стандардите и вредностите на Европската Унија, цел која не претставува причина самата за себе, туку процес кој нуди можности за постепена интеграција, процес во кој од нас самите ќе зависи колку придобивки ќе обезбедиме за себе и во текот на самите преговори, соопшти македонското МНР.