Малку детали за средбата на Самарас со Бан и Нимиц
10 август 2013Грчкиот премиер Андонис Самарас, вчера (09.08) попладнето во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, на средба на која доминираа прашањата за спорот за името на Република Македонија и статусот на поделениот остров Кипар,
Тој по средбата кусо одговорил на прашањата на грчките новинари, истакнувајќи дека во седиштето на ОН се разговарало за светски прашања, како и за познатите прашања од интерес за Грција.
Но, штом добил прашање од новинарот на МИА, грчкиот премиер без ниту еден збор се свртел и си заминал од зградата на Светската организација.
Самарас, како што јавува МИА со денови избегнувал средба со македонските новинари во Вашингтон.
Според добро упатени извори кои ги цитира агенцијата, во текот на едночасовните разговорите на Бан и Самарас, генералниот секретар на ОН од Самарас побарал интензивирање на разговорите за да се реши спорот.
По неговата посета на Македонија пред една година, Бан го вложува и личниот углед за да помогне за решавање на спорот за името. Средбата со Самарас во Њујорк доаѓа по отворениот повик на Македонија, за средба на високо ниво, и евентуално формирање на тимови на двете влади кои би го разгледувале прашањето за името, предлог кој Самарас го одби.
На средбата на која присуствувал и посредникот во разговорите, амбасадорот Метју Нимиц, јави дописникот на МИА, тема на разговор биле неговите предлози претставени до двете страни на разговорите што се одржаа на почетокот на април.
На средбата во ОН присуствувал и Џефри Фелтман, американскиот дипломат кој служи како заменик генерален секретар на Бан Ки-мун, и кој беше и присутен на последните разговори меѓу Нимиц, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
Од ОН не произлезе најава кога може да се очекува следната средба поврзана со спорот за името, но од друга страна, американскиот помошник заменик државен секретар Филип Рикер, кој е задолжен за средна Европа и за Балканот во Стејт департментот, изрази надеж дека разговорите може да се интензивираат на крајот на летото или почетокот на есента.
На прашањето која е пораката на САД до Самарас при неговата посета на Вашингтон, Рикер одговори: Пораката до Самарас е иста како и пораката до Груевски, кога тој беше во Вашингтон, се надеваме дека двете страни ќе изнајдат пат напред, користејќи ги добрите услуги на посредникот Нимиц. Повторно, како што сугерирав и во другите прашања, се надеваме дека на крајот на летото и почетокот на есента ќе продолжиме со обидите да се најде пат напред, изјави Рикер.