Мали очекувања од мировните преговори за Украина
28 февруари 2022Руските трупи и украинските сили во текот на ноќта водеа тешки борби. Според проценки на американското Министерство за одбрана, напредувањето на Русите наидува на жесток отпор. „Украинците пружаат жилав отпор“, изјави неименуван висок претставник на Министерството за одбрана на брифинг со новинарите. „Тоа е херојски, инспиративно и за светот многу важно да го види“, вели тој, и додава дека се забележуваат проблеми на руските трупи со „гориво и логистика“. Во разговор со британскиот премиер Борис Џонсон, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, како што се вели, рекол дека наредните 24 часа ќе бидат одлучувачки за неговата земја.
Украинската агенција Униан јави дека од Крим наводно тргнале бомбардери и авиони ловци во насока на Украина, а нивна цел требало да бидат градовите Миколаив и Херсон на југ, како и Харков на исток. Ваквата информација не може да се потврди од независен извор.
Украинскиот главен град Киев, според зборовите на неговиот градоначалник Витали Кличко, е на раб на хуманитарна катастрофа. „Сега сè уште имаме струја, вода и греење во нашите куќи“, рече тој вчера (27.02) во интервју за новинската агенција АП. „Но, инфраструктурата за испорака на храна и лекови е уништена. Во исто време, Кличко апелираше до светот да ја поддржи Украина како целина. „Ние сме силни“, рече Кличко. Американската компанија Maxar, која е специјализирана за сателитски снимки со висока резолуција, објави дека километарски руски конвој составен од војници, тенкови и возила за снабдување се движи кон Киев.
Дали ќе се вмеша Белорусија?
Во меѓувреме се шпекулира околу можноста Белорусија да се вклучи во војната во Украина. Украинската агенција Униан известува дека белоруските падобранци наводно добиле наредба да полетаат за Украина денеска изутрина. Агенцијата се потпира на информации од невладината организација Бисол (Фондација за солидарност на Белорусија), која се залага за лицата погодени од политичката репресија во Белорусија. Ваквите информации, исто така, не можат да се потврдат од независни извори.
Преговори во Гомел
Додека руските трупи ги продолжуваат своите напади врз Украина, Москва и Киев изутринава треба да почнат мировни преговори. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, меѓутоа, стави јасно до знаење дека нема многу надеж околу исходот од преговорите. Од страна на Киев не се поставени барања во пресрет на преговорите во белорускиот регион Гомел, на границата со Украина. Зеленски вели: „Не верувам дека средбата ќе има резулати, но да се обидеме.“ На преговорите нема да учествуваат ниту украинскиот ниту рускиот претседател. Двајцата испраќаат делегации.
- повеќе: Генерал Хоџис: Русија и Путин скапо ќе ги чини евентуалната употреба на нуклеарно оружје
ЕУ го зголемува притисокот врз Русија
Украинските сили треба да добијат оружје и опрема од ЕУво вредност од половина милијарда евра. Материјалот треба да се достави преку полски логистички пункт во Украина. Деталите околу доставувањето треба да бидат разгледани на денешната средба на министрите за одбрана на ЕУ.