Малите хидроцентрали ги уништуваат реките
7 мај 2018„На Балканот во моментов во изградба се 188 централи, а планирани се уште 2.798. Сето тоа покрај веќе постоечките 1000 централи. Околу половината од планираните централи се наоѓаат во региони заштитени со закон“, пишува во опширниот текст на оваа тема денешен „Зиддојче цајтунг“ и продолжува:
„'На Балканот бие синото срце на Европа, но на тоа срце му се заканува инфаркт', вели Улрих Ајхелман од организацијата Ривервоч. Во име на заштита на климата водната енергија би требало да произведува 'зелена струја' за балканските држави. Но, водната енергија ги уништува еко-системите на реките чија вода се собира во езера, додека под браните се суши речното корито. Водата ја има помалку и станува полоша... Централите се закана за животински видови како што е Балканскиот рис. Слатководните риби како младицата, наречена и Дунавски лосос, го губат последниот значаен животен простор. Голем број слатководни школки, полжави и инсекти го губат и последниот за нив значаен рефугиум. Слатководните популации во светот се намалени за 80% од 1970-тите до денес. Во Германија само 6,6% од реките се во добра состојба - на Балканот 80%. Тоа ќе се промени со изградбата на централи: 30 загрозени видови би можеле да изумрат, 69 ендемски - значи само таму населени - видови риби би биле загрозени.“
Земји како Албанија имаат потреба од повеќе струја, во тоа нема сомневање, констатира „Зиддојче цајтунг“. Таа струја би требало да е што е можно повеќе обновлива. Балканските држави се обврзаа до 2020 година да го зголемат уделот на зелена енергија на 20%, пишува меѓу другото весникот и оценува:
„Сепак, зад изградбата на хидроцентрали не се крие енергетски мастер-план. Ако се погледне подобро, централите нема да ја лиферуваат неопходната енергија. 90% од планираните централи се мали, со постигнување од максимално 10, а често дури и под 1 мегават. Денес три големи централи лиферуваат 98% од енергијата во Албанија, а околу 130 мали хидроцентрали останатите 2%... Значи, што ја турка водната енергија? Ајхелман има јасен одговор: 'Субвенциите. Без поттик 90% од постројките едноставно би биле нерентабилни.' Субвенциите го направија бизнисот многу рентабилен - за градежните фирми, банките и енергетските претпријатија.“