Макрон му стави крај на проширувањето на ЕУ
18 октомври 2019За Емануел Макрон проширувањето на ЕУ со Албанија и Северна Македонија е како „правење поголема торта со помалку путер.“ На прес-конференција по завршувањето на самитот на ЕУ, на кој неговата земја стави вето за почеток на преговорите со Скопје и Тирана, францускиот претседател изнесе серија забелешки од кои се насетува дека официјален Париз всушност е априори против проширувањето на ЕУ со двете балкански земји. Дополнително, Макрон објасни дека одбил од процесот да се одвојат Македонија и Албанија затоа што тоа ќе имало катастрофални последици за целиот регион.
„Некои тврдат дека имало речиси целосна согласност за Северна Македонија и Албанија. Не е точно. Имаше големо мнозинство за Северна Македонија, но повеќето земји беа против Албанија“, рече Макрон.
„Отворањето преговори само со Северна Македонија ќе беше голема грешка за регионот. Тоа ќе имаше лошо политичко влијание. Ќе имаше социјални и политички протести, без преседан, не само во Албанија, туку и во сите земји со албанско јазично малцинство. Ќе имаше последици врз Косово, врз соседството...“, тврди францускиот претседател.
Макрон најави дека во следните месеци „ќе ги посети премиерите Еди Рама и Зоран Заев“, но остана нејасно што ќе им вети на тие средби со оглед на ставот дека простор за преговори нема.
„Да не се лажеме, најпрво ни треба напредок во нашите процеси (за реформа на ЕУ,н.з.), но потоа можеме да отвориме нешто со нив. Но не вообичаениот процес кој повеќе нема логика“, вели Макрон.
Во неколку наврати во текот на конференцијата за печат, Макрон спореше со потребата од проширување на ЕУ со земји од регионот, а во еден момент ја отфрли и стратегијата на Европската комисија која предвидува проширување на ЕУ.
„Не се согласувам дека проширување треба да биде идеологија на ЕУ“, рече Макрон, објаснувајќи дека „Европа може да се претвори во нешто што не го сакаме.“
„Ни треба нов процес на проширување, и стратешка одлука за тоа кои сме и каде сакаме да се прошируваме.“
Макрон повторно во неколку наврати ја доведуваше во прашање и визната либерализација со земјите од регионот, и го критикуваше напливот на „мигранти од Албанија“.
Според францускиот претседател со самото отворање на преговори со двете земји немало ништо да биде постигнато. Наместо тоа, тој нуди инвестиции во цивилизациски придобивки за регионот.
„Ќе им испратевме прашалник на 60 страници, но мислите дека тоа ќе им го подобри животот на нивните граѓани. Не е само да испратиме прашалник, ни требаат економски, културни, па и јазични инвестиции. Треба да им помогнеме директно наместо само да зборуваме за отворање на преговори“, рече Макрон.