1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон како посредник во Саудиска Арабија

ЕМФ / дв
10 ноември 2017

Францускиот претседател Емануел Макрон сака да помогне за деескалација во Заливот. По посетата на Дубаи, Макрон изненадувачки продолжи за Ријад.

https://p.dw.com/p/2nOEm
Saudi-Arabien Riad Besuch Emmanuel Macron
Францускиот претседател Макрон и саудискиот принц Салман во РијадФотографија: picture-äalliance/AA/Saudi Royal Council/B. Algaloud

Во регионот на Персискиот Залив настаните се одвиваат со исклучително голема брзина. Конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Иран се заострува. Истовремено, Ријад ги предупреди граѓаните да не патуваат во Либан, каде оставката на премиерот Саад ал Харири предизвика владина криза. Затоа францускиот претседател Емануел Макрон ја искористи својата одамна планирана посета на Обединетите Арапски Емирати и вчеравечер замина во куса посета на Саудиска Арабија. Пред летот од Дубаи за Ријад, Макрон нагласи дека одлуката да продолжи за Саудиска Арабија ја донесол неколку часа претходно.

Во главниот град на Саудиска Арабија францускиот претседател беше примен од принцот престолонаследник Мохамед бин Салман. На Твитер Макрон напиша дека дијалогот со партнерите служи за да се постигне траен мир.

Во текот на двочасовниот разговор со принцот станало збор за актуелната ситуација во Иран, Либан и Јемен. Саудиска Арабија со години со чувство на нелагодност набљудува како Иран го шири своето влијание во Заливот. Досега е нејасно каква улога игра земјата во актуелната владина криза во Либан. Премиерот на Либан, Саад ал Харири, во саботата изненадувачки од Саудиска Арабија соопшти дека се повлекува од функцијата и рече дека во Либан стравува за својот живот.

Saad Harir
Саад ал Харири се повлече од премиерската функција во Либан и не е јасно каде се наоѓа сегаФотографија: REUTERS/M.Azakir

Каде во моментов се наоѓа Харири е нејасно. Организацијата Хезболах во Либан, која соработува тесно со саудискиот ривал Иран, шири претпоставка дека Харири се држи во домашен притвор во Саудиска Арабија. Слични изјави за агенцијата Ројтерс дадоа и двајца високи владини претставници на Либан. Партијата на Харири претходно демантираше дека премиерот бил од страна на Саудиска Арабија принуден да даде оставка и дека е ставен во домашен притвор. И Саудиска Арабија демантира дека влијаела врз неговата одлука.

Макрон, чија земја поради историски причини има блиски односи со Либан, соопшти дека има неформален контакт со Харири. Меѓутоа, тој досега не изразил желба да патува за Франција, каде инаку живееше повеќе години и каде има второ живеалиште.