1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Албанија и натаму се борат за своите права

Милчо Јованоски5 март 2015

Малцинските правата на Македонците во Албанија наместо да се зголемуваат две децении наназад се намалуваат, вели за ДВ Васил Стерјоски, генералниот секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ

https://p.dw.com/p/1ElF9
Фотографија: Milco Jovanoski

Очигледна е тивката асимилација не само на Македонците, туку и на останатите малцинства во Албанија. Новата територијална поделба е погубна за нас. На следните локални избори во јуни годинава ќе се обидеме да имаме свој градоначчалник само во Општина Пустец. Државата според непризнатиот попис и од меѓународната заедница тврди дека во Албанија има само 5500 жители Македонци. Толку сме само во Мала Преспа, а низ цела Албанија, неофицијално не‘ има над 120 000 илјади, вели Стерјоски во интервјуто за ДВ .

ДВ: Господине Стерјоски за што се залага партијата МАЕИ?

Стерјоски: Македонската партија се бори за признавање на сите Македонци на целата територија на Република Албанија, бидејќи тоа е една стара политика на земјата која признава зонско признавање на малцинства. Македонците се признаваат само во областа на Мала Преспа, а не се признаваат на пример во Голо Брдо и во поголемите градови низ државата каде има значителен број Македонци. Ние се бориме против тоа да не се признаваат Македонците и другите малцинства зонски, туку да ги уживаат правата на цела територија на Албанија. Во Мала Преспа во матичната евиденција до пред две години стоеше дека си Македонец. Тоа Уставниот суд го укина и сега немаме никаков официјални лични документи дека сме Македонци. Неколку години правиме курсеви по македонски во Корча, Поградец,Тирана, до Голо Брдо, но сакаме овие курсеви да станат дел од образовниот процес и во училиштата барем два пати неделно да се изучува македонскиот јазик. И претходната и оваа власт нашите барања ги одбија и за жал морам да признам дека и во Мала Преспа има проблем со изучувањето на мајчиниот, македонски јазик. Законски шеесет проценти од наставата би требало да се одвива на македонски, а поради недостаток на учебници само дваесет одсто од наставата е на македонски.

ДВ: Има ли интерес за курсевите по македонски јазик кои ги организираше македонската заедница?

Стерјоски: Има, особено меѓу децата и младите. Сега немаме проблеми и притисоци. Но пред околу пет години кога започнавме пред се’ во областа на Голо Брдо, па дури и тајната полиција ШИШ беше вклучена во тоа. Се вршеше притисок курсевите да се укинат, закани добиваа и наставниците и децата по училиштата. Се жалевме кај албанските власти и кај ОБСЕ и тогаш се смири таа ситуација. Сега се дозволува да се одржуваат курсеви, но македонскиот не е влезен во официјалниот образовен систем. Еве трета година родителите во Голо Брдо доставуваат петиција за изучување на македонски јазик, не ни им одговараат на барањата. Пред три години власта одговори дека македонскиот јазик може да се изучува како втор изборен странски јазик од седмо одделение, ама на крајот и тоа не го дозволија.

ДВ: Албанија има нова територијална поделба. Се одржа попис, но Вие не го признавте?

Стерјоски: Пописот не го призна ниту едно малцинство. Тој беше бојкотиран и не е признаен. И Европската унија не го смета за легитимен и ја извести и Албанија да не прави политика врз основа на пописот, бидејќи тој не е веродостоен. Лани во декември и Народниот правобранител на Албанија за првпат излезе со извештај за малцинствата, наведувајќи дека пописот не е веродостоен за малцинствата и дека Албанија мора да спроведе нов попис во кој ќе бидат вклучени сите претставници на малцинствата. Кога е во прашање територијалната реформа, и оваа Влада продолжува со истите политики на негирање не само на македонското, туку и на другите малцинства. Според новата територијална поделба, остана само општината во Мала Преспа, а се укинаа општините во областите Голо Брдо и Гора. Ние Македонците и Грците протестиравме, ама не наидовме на слух кај новата Влада. Бидејќи немавме никакви можности за промена еве во јуни годинава на локалните избори ќе се оди со новата територијална поделба.

ДВ: Какви се шансите да се зголеми бројот на Македонците во власта?

Стерјоски: За нас како мала политичка партија и сличните на нас многу е потешко да се дојде до позначаен резултат. Единствено сега нам ни останува да се бориме за градоначалник на општина Пустец и да излеземе со советнички листи таму каде што сме концентрирани како малцинство. Бидејќи општините имаат над 100 000 жители и многу е тешко да се добие советник, а не пак да се добие градоначалник.

ДВ: Размислувате за коалиција со некоја албанска партија?

Стерјоски: За коалицирање уште е рано. За еден месец најверојатно и тоа ќе се знае, со кој политички субјект би коалицирале.

ДВ: Во остсуство на релевантен податок од пописот имате ли некоја бројка која е добиена според Ваша евиденција, колку Македонци живеат во Албанија?

Стерјоски: Според официјалната статистика на цела територија на Албанија не‘ има само 5500 Македонци. Но толку Македонци живеат само во регионот на Мала Преспа. Сигурно не‘ има над 120 000 на цела територија по чувство и по јазик, ама асимилацијата го прави своето. На пример во градот Корча пред 50 години имавме чисти македонски села Дреново, Бобоштица и други. Но со текот на времето тие се асимилирале, се иселувале, а властите на нивно место доселувале Власи на пример.

ДВ: Се добива впечаток дека Македонците во Албанија во однос на основните човекови права губат некои веќе стекнати права. Точно ли е тоа?

Стерјоски: Стои вашата констатација дека ние веќе ги губиме некои стекнати права, особено во областа Мала Преспа каде што сме признати цели 70 години. Реков, прво ја изгубивме националноста во матичната евиденција, немаме официјален документ дека секој е Македонец како што беше досега. И за време на диктатурата во Мала Преспа имавме повеќе права отколку сега, бидејќи тогаш функционираше подбро и културниот живот. Имавме театар на македонски и фолклорни групи. Тогаш режимот на Енвер Хоџа дозволуваше да се развива македонската култура во Мала Преспа. За жал сите влади кои доаѓаат независно дали се од редот на социјалистите или демократите во овие две децении од транзицијата тие права веќе ги губиме. Така сме сведоци на наша тивка асимилација на целата територија на Република Албанија. Пред се’ не се инвестира во областите каде што живеат Македонците, што доведува до иселување на Македонците во поголемите градски средини. Втората и трета генерација Македонци се асимилираат бидејќи не учат на македонски јазик, нема програма на македонски јазик на државната телевизија, така се губи контактот со културата и јазикот и се случува тивка асимилација.